Косовските медиуми јавуваат дека е завршена средбата во Приштина на македонскиот министер за економија Крешник Бектеши со косовскиот министерот за трговија и индустрија, Ендрит Шала, на која разговарале за можноста за укинување на одредени мерки за некои производи од Македонија, кои дојдоа како резултат на забраната на увоз на риба од Косово.
-Министрите Шала и Бектеши се согласија дека до петок Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово ќе испрати извештај до македонската Агенција за храна и ветеринарство со анализа на соодветната програма за следење на производите на риба и на рибини јајца од Косово.
Министерот Шала рече дека само откако ќе се отстранат бариерите за увоз на риби, може да се укине реципроцитетот за увоз на македонскиот мед и компир во Косово.
Од своја страна, министерот Бектеши рече дека откако ќе бидат обезбедени доказите за мониторинг, тие ќе донесат одлука.
Бектеши рече дека се преземени вакви мерки против сите држави кои не обезбедуваат документи за квалитетот на рибата.