По одлуката кавадаречкиот суд да ги добие проширените надлежности кои беа одземени пред 13 години, кавадарчани ќе добиваат побрза и поевтина правда во својот град. Надлежностите се враќаат по измените и дополнувањата на Законот за судови донесен во мај годинава. Покрај проширени надлежности за Кавадарци и Росоман, судот во овој град од јануари следната година ќе постапува и по предмети од Неготино и Демир Капија
Претседателот на кавадаречкиот основен суд, Зоран Јосифовски вели дека потребно е доекипирање на судот за да може да постапува со проширена надлежност.
„Дали е кадровски екипиран, чесно е да се каже дека не е докрај екипиран. Веројатно ни фалат и судии, ни фали и судска служба. И тоа како во делот на оној административно-технички персонал, така и во делот на стручните судски службеници. Ние и во овој формат во кој работевме досега, можевме да дадеме забелешки дека не сме доволно кадровски екипирани. Притоа не зборувам само за бројот на вработените во судската служба, туку и за нивната структура. Ако се има во предвид дека судовите своето работење го вршат електронски, значи преку информатичка технологија, очигледно е дека застапеноста на стручниот кадар, на стручните судски службеници, треба да доминира во однос на останатите. Јас не би можел да бидам незадоволен од структурата на судските службеници што ја имаме во судот“ вели Јосифовски и додава дека многу по ефикасно и по стручно судот би работел доколку се подобри структурата на судски службеници.
Тој нагласува дека за оптимално работење на овој суд би биле потребни околу 11 до 12 судии, а во моментов има 8 судии. Јосифовски појаснува дека со добивањето на проширените надлежности кавадаречкиот суд ќе добие одеднаш и предмети од судот во Велес, кој досега постапуваше по предмети од Кавадарци и Неготино.
„Во изминатите неколку години, кога работевме со основна надлежност, вкупно во работа за една календарска година, се движиме помеѓу 8.5 до десет илјади предмети. За илустрација, би ја посочил 2004 година, благодарејќи на извршните предмети, овој суд имал вкупно во работа околу 50 илјади предмети. Пет пати повеќе предмети од периодот со основна надлежност. Во 2011 година завршивме со заостанатите извршни предмети и ги предадовме кај извршителите. Имаме исклучително малку заостанати нерешени предмети на крајот на годината. Тоа се околу илјада предмети секоја година. Тоа објективно претставува некоја тромесечна норма“ објаснува претседателот на кавадаречкиот суд.
Со враќањето на проширените надлежности, судот во кривичната материја повторно ќе ги работи предметите против полнолетни лица, за кои е пропишана казна затвор над пет години. Сега ќе може да изрекува и казна доживотен затвор. Кавадаречкиот суд и понатаму нема да работи по предмети кои се однесуваат за организиран криминал.
Што се однесува до граѓанската материја, се враќаат во работа граѓанските спорови чија вредност е над 50 илјади евра. Повторно ќе постапува во трговските спорови, спорови меѓу правни лица. Ќе постапува и во стечајните предмети, кои досега ги работеше Основниот суд во Велес со проширена надлежност.
Ангел Данов