Независниот синдикат за образование бара покачување на платите во образованието – ММС
ММС

Објавено на: 08/17/19 6:34 PM

Независниот синдикат за образование бара покачување на платите во образованието

Демотивиран просветен работник, со слаба куповна моќ и доведен на работ на егзистенцијата. Ова е сликата на денешните наставници и професори, предизвикана од ниските месечни примања, велат од Независниот синдикат за образование и наука.

Токму затоа, од Синдикатот побараа неодамнешната одлука за зголемување на платите на вработените во градинките, да важи и за просветарите.

Синдикалците велат дека подолг временски период просветните работници имаат плати под државниот просек, што го урива угледот на професијата.

Од Министертвото за образование соопштуваат дека ги поддржуваат барањата на синдикатите и потсетуваат на покачувањето на платите на вработените во образованието, кое се спроведува според планот.

“Јавноста знае дека минатата година платите на вработените во образованието од месец септември беа зголемени за 5 отсто, додека следната фаза, односно следното покачување е предвидено веќе од следниот месец, со опфат на вработените во основното, средното и високото образование. Станува збор за реален и остварлив план кој е проектиран согласно со буџетските можности”, велат од МОН.

Од Независниот синдикат посочуваат дека зголемувањето на платите на просветните работници не е доволно. Покачувањето треба да биде како тоа во градинките, чии вработени добија 15 отсто поголеми плати.