По излегувањето од Обвинителството за организиран криминал и корупција каде даваше изјава како сведок во случајот „Рекет“, специјалниот обвинител Бурим Рустеми, изјави дека дал одговор на сите прашања. Но, при тоа пред новинарите не кажа дали неговата шефица Катица Јанева побарала затворање на истрагата „Империја“, како што тврдеше неговата колешка Лиле Стефанова, на што тој се побунил.
-Јас одговорив на тоа прашање и сметам дека јасно го објаснив настанот, беше краткиот одговор на Рустеми.
Такви беа одговорите и на другите прашања. Новинарите се обидоа да извадат нешто повеќе за вчерашните настани во СЈО, на наредбата за претрес на секој што влегува на зградата, како и на заканите од Јанева дека со неа сите од ова Обвинителство ќе пропаднат.
-Нема да коментирам, рече Рустеми, а потоа и дообјасни:
-Јас вчера бев на судење за предметот ТНТ, директно дојдов на судење, а така беше и денеска и тоа не можам да го коментирам, одговори Рустеми.
На инсистирањето од новинарите, зошто ако имале притисок од Јанева, обвинителите не пријавиле, специјалниот обвинител рече дека тој лично не чувствувал притисок.
-Не чувствував посебно влијание за мојот исказ што го давав денеска, во спротивно јас би пријавил ако некој влијаеше што да кажам, изјави обвинителот Бурим Рустеми, кој потврди дека при крај е истрагата за „Поштенска банка“ кој тој ја води, а каде инвовирани се лица од предметот „Рекет“.