Во притвор осомничениот за убиството на малолетникот во Ново Лисиче – ММС
ММС

Објавено на: 08/15/19 7:40 AM

Во притвор осомничениот за убиството на малолетникот во Ново Лисиче

Основното јавно обвинителство од Скопје соопшти дека донело Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, осомничено дека сторило кривично дело – Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик.

-Имено, осомничениот, со употреба на опасно орудие – нож на расклопување, лишил од живот едно оштетено лице. Настанот се случил околу половина час по полноќ на 14 август, на улицата „Февруарски поход“ во населбата Ново Лисиче. По претходна расправија меѓу 18-годишниот осомничен и негов другар од една страна и поголема група лица од друга страна, осомничениот се дал во бегство кон зградите во населбата. Неколку лица трчале по него и во момент кога му се доближиле, тој го извадил ножот со кој на оштетениот му задал еден удар во пределот на градниот кош. Повредениот бил пренесен во болница, каде подоцна починал, соопшти Обвинителство.

Судијата на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.