Премиерот Зоран Заев се извини до ЛГБТИ заедницата и при тоа појасни дека во изјавата што ја даде синоќа, зборот „педер“ го употребил за да даде карактерна особина, а не да означи сексуална припадност.
– ЛГБТИ заедницата ја има мојата голема почит. Затоа, пред да го употребам зборот „педер“ упатив извинување. Тој збор го употребив за да дадам карактерна особина, а не да означам сексуална припадност. Извинување за ЛГБТИ луѓето. Ќе се борам за нивните права, како и досега, напиша Заев на „Твитер“.
Пред прославата на годишнината од Охридскиот рамковен договор,коментирајќи го случајот „Рекет“, Заев изјави дека нема, како што рече, да дозволи неколку криминалци, еден суетен новинар и да ме извини ЛГБТ заедницата, еден педер да ја симнат оваа Влада од власт.
Меѓутоа, оваа извинувањето се чини, не е прифатено ниту доволно, откако следуваа бројни реакции во јавноста.
– Толку од прифаќањето на различностите и нивното почитување! Тешка демагогија било се што се збореше и правеше претходно!НЕ Зоран Заев, ЛГБТИ заедницата нема да ти прости!“, реагираше Уранија Пировска, директорка на Хелшинскиот комитет за човекови права.
На оценката „суетен новинари“ со соопштенија се огласија двете новинарски здруженија ЗНМ и МАН, а во неа се препозна новинарот Бранко Героски, кој прв го отвори случајот „Рекет“.
– Ваквиот агресивен говор кон новинарите од страна на Претседателот на Владата може да поттикне насилство кон нашите колеги, а со тоа и дополнително да се загрози нивната безбедност и да се ограничи слободата на изразувањето.Го повикуваме Претседателот на Владата Зоран Заев веднаш да се извини на новинарите, а пред се на колегата Бранко Героски доколку оваа негова изјава беше упатена кон него и во иднина да се воздржи од вакво дискредитирање на новинарите, побара ЗНМ.
– После скандалозната изјава на Заев, бев мета на организирани напади на сдсмовските ботови, но и на многу приврзаници на Заев кои не можат да се соочат со вистината дека нивниот обожуван лидер не е она што беше. Ќе бидам искрен и ќе ви кажам дека многу ми е жал што Заев влезе во ваков филм. Никогаш не помислував дека од овој човек, од мојот пријател Зоки, можам да се надевам на вакво нешто. Ваква оркестрирана харанга, вакви страшни и неосновани клевети. Се прашувам дали ноќеска треба да очекувам партиската војска да ми тропне на врата или нешто уште пострашно да се случи, напиша Георски.