Јанева и СЈО се алатката преку која е вршен рекетот, кој без директна поддршка од власта не би бил можен, смета опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат дека Боки 13 и Зоран Милевски кои денеска добија нов триесетдневен притвор, се само обични извршители. Опозицијата бара истрагата да биде проширена до врвот на власта.
„Ниту Боки, ниту Кичеец можеле да знаат како ќе се одвиваат постапките пред суд, што ќе преземе судот, а што обвинителството, кога и кој ќе биде ослободен, а кој ќе заврши во затвор, ако за тоа директно не добиле информација од врвот на власта, кој ги координирал и менаџирал активностите со правосудните органи. Дали на вакво менаџирање мисли Боки кога вели дека Заев знаел се и дека се заедно во играта? Боки е само извршителот на еден поголем и покомплексен систем, кој е управуван директно од врвот на власта, во кој има директна спрега помеѓу врвот на извршната власт, судовите и обвинителството“, изјави денеска на прес конференција генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев.
„Македонија нема ама апсолутно никаква полза од лицемерието на Заев и лажните повици за правда, во реалноста и тој и неговата Катица Јанева ги чистат трагите. Не случајно во овие месец дена и Заев менуваше телефони и протоколи, вадејќи се на скандалот со украинските комедијанти, а Катица губеше и форматираше и телефони и компјутери. Еден месец ЈО молчи и наместо да ги гони нарачателите во случајот Рекет одмараат. Катица Јанева, без која слушанавме од разговорите објавени во Ла Верита и не би бил можен милионскиот рекет, наместо во притвор се шета по плажи“, додаде Јанушев.