Македонскиот средношколски тим со два бронзени медали се врати од Париз – ММС
ММС

Објавено на: 08/9/19 11:37 AM

Македонскиот средношколски тим со два бронзени медали се врати од Париз

На најреномираното натпреварување по хемија IChO (International Chemistry Olympiad – Меѓународната олимпијада по хемија) кое годинава се одржа во Париз, Франција, нашите натпреварувачи Стефан Стојковиќ и Стефан Дамчевски освоија бронзени медали.

Тимот, кој беше поддржан од страна на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР)  се состоеше од учениците:

Стефан Стојковиќ, завршена IV година, СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“, Скопје

Стефан Дамчевски, завршена IV година, ПСУ „Јахја Ќемал“, Струга

Руфија Идризовска, завршена IV година, ПСУ „Јахја Ќемал“, Гостивар

Александар Трајковски, завршена III година, СОУ „Крсте П. Мисирков“, Демир Хисар

Како што појаснуваат од Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, постојат голем број меѓународни натпревари од областа на хемијата, но само IChO влегува во групата на 12-те сеопшто признати меѓународни научни олимпијади, односно натпревари на знаење, не на проекти. Исто така, Меѓународната олимпијада по хемија е класифицирана во 13-те признати олимпијади од страна на Министерството за образование и наука.

Првиот ученик од нашата земја успеа да освои медал на оваа престижна меѓународна олимпијада во 2017 година. Секоја година оттогаш Сојузот на хемичарите и технолозите како акредитирано здружение за организирање на натпреварите и составување тим за меѓународно учество, покажува одлични резултати во изборот и подготовката на кандидатите што е видливо и од овогодинешните остварените резултати.

Оваа година, на 51-та Меѓународна олимпијада по хемија учествуваа 309 ученици од 80 држави од целиот свет, како и 160 ментори, 109 набљудувачи и гости и 273 члена од организацијата.

„Кумулативно, резултатите кои ги покажа нашиот тим, беа подобри од многу западноевропски земји кои се познати по добро развиениот систем на образование, и тоа: Финска, Норвешка, Швајцарија, Холандија, Ирска, Исланд…“, велат од Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија.