Програмата на „Охридско лето” за денеска предвидува две содржини, и тоа како централен настан концертот на Дуке Бојаџиев на Долни Сарај, како и мултимедијалниот проект на охридскиот уметник Драган Спасески Охридски.
Дуке Бојаџиев е македонски композитор, пијанист и продуцент кој од 2001 година живее и работи во Њујорк. Тој има дипломирано на Медицинскиот факултет во Скопје, а потоа на музичкиот колеџ „Беркли” во Бостон. Низ неговата интернационална кариера Дуке има работено со добитниците на Оскар, Џонатан Деми и Денис Тановиќ, како и со Рајко Грлиќ и Столе Попов. Неговата музика е користена за светски кампањи на брендови како: „Пежо”, „Ланком” и „Лореал”, разни светски компилации како Буда Бар и Маракеш Експрес. Има работено со артисти како Синди Лопер и „Телепоп Мјузик”, а има настапувано во светски концертни сали меѓу кои: „Карнеги Хол” во Њујорк, „Авалон театар” во Лос Анџелес и на Античкиот театар во Охрид.
Бојаџиев вечер ќе настапи заедно со Исмаил Лумановски на кларинет, Мартин Ѓаконовски – контрабас, Костас Анастасиадис – тапани и Наташа Петровиќ – вокал и нарација.
Што се однесува на втората содржина за денешниот ден на „Охридско лето”, станува збор за мултимедијален проект „Спокоен сум ко врвот… Не прашувам зошто сум се извишил” на уметникот Драган Спасески Охридски.
Спасовски ќе ги изнесе и презентира неговите најзначајни ликовни и поетски дела во рамки надополнителната програма на фестивалот „Охридско лето”, вечерва во катедралната црква „Света Софија” од 21 часот.
Со ова негово претставување Спасески Охридски одбележува три децении од неговата прва самостојна изложба што се случи во 1989 година кога всушност тој го направи и првиот мултимедијален проект во нашата држава, насловен како „Апокалиптичен нарцис”.
– Оваа година славам 30 години творештво. Насловот на овој мултимедијален проект е „Спокоен сум ко врвот… Не прашувам зошто сум се извишил”. Проектот се состои од два дела, едниот дел е промоција на книга со истиот наслов„Спокоен сум ко врвот…Не прашувам зошто сум се извишил” и пресек од досегашното творештво ќе биде презентиран во катедралната црква „Света Софија”. Промотор ќе биде проф.д-р Кристина Николовска, а стихови ќе чита актерот Димитрие Доксевски. Другиот дел ќе се одвива на терасата „Аквариус” каде што исто така ќе биде презентирано дел од моето творештво, „Охридските ангели”, компјутерска графика.Гости ќе бидат „Кукузел”, млади уметници кои се занимаваат со музика, најави уметникот Драган Спасески Охридски.
Драган Спасески Охридски е роден 1960 година и по професија е доктор-специјалист ортопедски хирург. Досега ги реализирал следните мултимедијални проекти:„Апокалиптичен нарцис” (1989 год.), „Сѐ трепери (1996 год), „Блиску до сонцето и љубовта мракот помалку боли” (1999 год), „Вибрација, креација, совршена релација” (2001), „Охридски ангели” (2003), „Погледни во себе” (2004), „Трите точки” (2008), „Охридски бисери на мудроста” (2010), „Битолска трилогија” (2011), „Човек е трепет …и ангелот трепет е …а ти Боже мој…” (2017 год.), Скоро сите мултимедијални проекти се составени од изложби на ликовни дела и промоција на книги – поезија со истоимениот наслов како мултимедијалниот проект, а некои се проследени и со архитектонски ентериерни креации.
МИА