Изгоре дел од куќа во штипското централно подрачје – ММС
ММС

Објавено на: 08/7/19 10:08 AM

Изгоре дел од куќа во штипското централно подрачје

Изгоре дел од куќа на улицата „19 Бригада” во централниот дел на Штип. Пожарникарите дојавата за пожарот ја добиле во 9.30 часот, по што веднаш интервенирале.

Командирот на смена во Територијалната противпожарна единица – Штип, Тони Ѓеорѓиев вели дека пожарот, што го зафатил долниот кат на куќата, е изгаснат и не било дозволено тој да се прошири на вториот кат.

– Интервениравме брзо, со три возила и 10 пожарникари. Потешкотии ни создаваше тоа што куќата е во сокаче, а во овој дел куќите се на минимално растојание. Затоа моравме да имаме брза интервенција со цел пожарот да не се прошири на околните куќи, изјави Ѓеорѓиев.

Тој додава дека и во моментов има една екипа од пожарникари на местото, со цел да внимаваат да не дојде до дополнителен пожар.

Ружа Филипова, жител на улицата во која се случи пожарот, вели дека таа ги повикала пожарникарите, а сопственичката на куќата е извлечена навреме.

Сопственичката е благодарна за брзата интервенција на штипските пожарникари, со што огнените јазици не се прошириле и на околните куќи.

Во моментов не се знаат причините за пожарот, кои истражните органи треба дополнително да утврдат.