Африканската свинска чума ги „крена на нозе” ветеринарите. Ги „размрда” фармерите. Го вклучи црвениот аларм кај надлежните институции и кај ловните друштва. Сите се „на готовс”.
Ситуацијата будно се следи.
Болеста кај нас се уште не е присутна, тврдат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Министерството за земјоделство. Но, со оглед дека ја има во Бугарија, каде што се појавија повеќе жаришта, спроведувањето превентивни мерки е неопходно.
Се засилија контролите за внесување храна од животинско потекло на граничните премини, а поставени се и бариери за дезинфекција поради зголемената фреквенција на патници со оглед на летните одмори.
Во меѓувреме, постојано се апелира, граѓаните кои патуваат надвор од земјава, при враќањето (особено од земји во кои е детектирана африканска чума) да не внесуваат храна од животинско потекло, преработки од месо и сувомесни производи што содржат месо од свињи, зашто ќе им бидат одземени.
Се контролираат и паркинзите во случај некој турист, правејќи пауза при патувањето, да користи вакви намирници и потоа да ги фрли во контејнер.
Веќе се реализирани и биосигурносни мерки во сите големи комерцијални фарми каде што се застапени 40 отсто од гоениците. Интензивирана е и контролата на добиточните пазари, а на сила е и забраната за носење свињи за продажба без потврда за нивната здравствена состојба.
Од 2017 година почна мониторингот кај дивите свињи. Изработен е и План за итни мерки, како и оперативен прирачник за справување со болеста. Донесени беа и забраните за увоз и транзит на свињи, производи и нус-производи од свинско месо од земјите и регионите во кои е потврдено присуство на африканска чума.
-Мора да ја подигнеме свеста за болеста на повисоко ниво, а тоа меѓу другото, значи и дека секој треба да си ја заврши својата задача. Комуналните инспектори во општините да вршат заловување на свињите кои ќе бидат затекнати на јавни површини, одгледувачите во селските домаќинства да ја почитуваат забраната за чување на свињите на отворено, да не ги пуштаат на паша, бидејќи постои ризик да дојдат во контакт со дивите свињи кои може да ја пренесат болеста, ловџиите, ловните друштва, шумарските работници и собирачите на шумски плодови да го пријават секое угинување на диви свињи кое ќе го забележат до официјалните ветеринари или до најблиското ветеринарно друштво, а ветеринарните друштва будно да ја следат здравствената состојба на свињите во одгледувалиштата и до официјалните ветеринари да го пријават секој сомнеж за појава на оваа болест, напомена директорот на АХВ, Зоран Атанасов на прес-конференцијата на 24 јули.
Според Атанасов, многу е битно и вработените на комерцијалните фарми да не се занимаваат со лов на диви свињи и дома да не чуваат свињи.
Одобрен лов на дивите свињи како превентива против африканска чума
По препорака на АХВ, Министерството за земјоделство донесе Решение со кое се одобрува отстрел на дивите свињи во земјава. Оваа превентивна мерка што беше соопштена на 30 јули, значеше и почеток на ловната сезона, 60 дена пред рокот утврден со закон.
Со дозволеното заловување, нема да се оди на сведување на единките на биолошки минимум, зашто дивите свињи се добро од општ интерес како и останатите видови дивеч.
– Целта е да се намали бројот на диви свињи со што би се минимизирале шансите за појава и ширење на болеста која е веќе присутна во Бугарија. До Владата ќе предложиме усвојување и други мерки, како забрана за населување на дивата свиња во ловиштата согласно развојните програми, но и забрана за нејзино зимско прихранување, рече тогаш министерот Трајан Димковски.
Тој вчера информира и дека АХВ обезбеди доволен број маркички за обележување на застреланите диви свињи од кои ќе се земаат мостри за анализи, со цел натамошно следење на состојбата.
Ловечката федерација апелира концесионерите и ловците крајно сериозно да ја сфатат опасноста од африканска свинска чума и да се приклучат во реализирање на превентивните мерки за заштита.
Организираниот отстрел најпрво се очекува да почне од граничните појаси со Србија и Бугарија.
За ловиштата што немаат концесионер надлежно е ЈП „Национални шуми”. Тоа ќе ги издава ловните дозволи.
Малите свињарски фарми најслаба алка
Ветеринарите денеска, во организација на Ветеринарната комора, ќе одржат кооординативен состанок. Ќе ги усогласуваат активностите за преземање превентивни мерки против африканска свинска чума. Тие, вели претседателот на Комората, Томислав Николовски, се запознаени соболеста, нејзиниот карактер, брзото ширење и опасностите што ги носи за домашното свињарство.
За болеста, нагласува Николовски, не постои терапија и имунопрофилакса (вакцинација) па брзата детекција – дијагонстицирање и брзото преземање мерки на сузбивање и искоренување преку уништување на заболените и загрозени единки, ќе го спречат натамошното ширење на инфектот. Во оваа насока, неопходно е едукативно делување од страна на ветеринарните друштва кои се во непосреден контакт со сопствениците на фармите. Мора да се подигне свеста и одговорноста за брзо пријавување сомнеж за појава на болеста.
-Во моментов најважно е вклучување на одгледувачите на свињи и тоа не само оние кои имаат високо технолошко ниво на одгледување, туку и на оние кои свињите ги одгледуваат во мал број, екстензивно и за свои потреби. Токму тие одгледувалишта се најслабата алка, поради слабата едукација и свесност на за боелста, и последично, непримената на базичните елементи на бисоигурност, потенцира претседателот на Комората.
Африканската чума нема да ја зголеми цената на свинското месо
Од Асоцијацијата на земјоделци сметаат дека присуството на африканска чума во Бугарија нема да го поскапи свинското месо на македонскиот пазар. Моментно цената е 95 до 99 денари за килограм жива мера.
И министерот за земјоделство вчера соопшти дека не очекува драстично зголемување на цената на свежо свинското месо, иако е можно, рече, да се намали побарувачката од страна на потрошувачите. Димковски изрази и уверување дека свинското месо во земјава е безбедно.
-Засега нема да има покачување на цената бидејќи земјава со своето производство го задоволува пазарот за свежо свинско месо. Нема да има недостиг на месо, ниту потреба да се зголемат цените, изјави претседателот на Асоцијацијата, Ефтим Шаклев.
Тој апелира одгледувачите на свињи да ги преземат мерките што ги наложи Агенцијата за храна и ветеринарство: поголема дезинфекција во фармите, а оние кои ги пуштаат на паша свињите, тоа веќе да не го прават, бидејќи најголем преносител на оваа болест се дивите свињи, кои можат да дојдат во контакт со нив.
-Агенцијата за храна и ветеринство даде добри мерки за да се заштитат свињите од африканската чума, за која нема ниту вакцина, ниту лек. Апелираме ловните здруженија да почнат со лов на дивите свињи, бидејќи тие се најголемите преносители и не знаат за граници. Една дива свиња може да помине за 24 часа вкупно 50 километри, односно да премине од една во друга држава. Затоа итно мора да се почне ловот на дивите свињи, нагласи Шаклев.
Африканската свинска чума првпат се појави во 2007 година, во Казахстан, но брзо се прошири и во другите земји. Денес ја има во Романија, Унгарија, Естонија, Латвија, Летонија, Белорусија, Украина, Полска,… Не е опасна за луѓето, но брзо се шири и е погубна за свињите. Особено се големи економските загуби на фармите, ако болеста навреме не се спречи.
Кај нас африканска свинска чума досега не е регистрирана.
Според проценките, во земјава има околу 8.000 диви свињи, рамномерно распространети на целата територија. Последниве 20 години бројот на единки е удвоен. Од домашните свињи, пак, околу 60 проценти се чуваат во селските домаќинства или малите семејни фарми.
Во моментов државата располага со 196.000 товеници, а годишно се произведуваат околу 13.000 тони свинско месо.
МИА