Со летови од полетувалиштето на Мечкин Камен во Крушево, денеска почна 16-тото Светско првенство во параглајдерство. Ова првенство е најмасовно досега, учествуваат околу 150 натпреварувачи од 49 земји.
Според директорот на првенството Горан Димишковски, ова е најмасовно светско првенство што се одржува во Крушево и е своевидна промоција на земјава и на Крушево како туристичка дестинација.
-Ова е 16-то Светско првенство во параглајдерство. Годинава имаме најмногу околу 150 натпреварувачи од 49 земји. Има и уште 150-ина асистенти на пилотите. Ова е голема промоција, пред сѐ, за Македонија и за Крушево како туристичка дестинација. Ова е врвот на овој спорт. Присуството, најмасовно досега, говори најмногу. За понатаму нашата цел е од Крушево да направиме светска дестинација, не само на зборови, туку и на дело. За тоа ни се потребни поголема инфраструктура и повеќе вложувања од сите субјекти. Доколку се исполни тоа, мислам дека иднината ќе биде многу светла, изјави Димишковски.
Тој посочи дека македонската репрезентација има добри шанси да постигне врвни резултати. Има услови и интерес, но битни се талентите на пилотите, потенцира тој.
Со добри услови и вештини дневно може да се достигнат височини од 2,5 до 3 илијади метри, да се биде во воздухот 180-ина километри во кружен лет, а за време на цел шампионат и до 800 километри. Учесниците се воодушевени од условите и очекуваат врвни резултати.
-Веќе неколку пати доаѓам овде. Сега сум со групата од Јапонија. Условите за летање се одлични, суво е може да се искачеме високо. Во Јапонија е жешко, овде се далеку подобри условите, рече Кеиоко Хираки од Јапонија
Репрезентацијата на Филипините првпат е во Крушево. -Убаво место, земјата е прекрасна, а и луѓето. Одлично е натпреварувањето и сум среќен што сум тука, сигурно е слетувањето, изјави Вилијам Паркис од Филипините
-Првпат сум во Крушево, одлично е за летање. Ќе имаме убави две недели на шампионатот. имаме одличен тим и се надеваме на добри резултати. Условите се добри за разлика во Австралија каде е жешко, смета Кари Елис од репрезентацијата на Австралија.
-Ова ми е третпат во Крушево. Бев на Европското во 2016 и лани на Британското првенство овде. Ветрот е добар, како и температурите, рече Касти Камерат од Велика Британија.
Еден од тричлената македонска репрезентација е Ѓорѓи Ристовски.
-Јас сум еден од тројцата пилоти што ја претставуваат македонската репрезентација. Има голем број натпреварувачи, огромна конкуренција, тука се најдобрите параглајдеристи во светот. Чест е што ја претставуваме нашава земја и се надеваме на добар резултат, изјави Ристовски.
Светското првенство во параглајдерство во Крушево ќе заврши на 18 август со прогласувањето на најдобрите.
МИА