Близу три децении лозарите секој гроздобер го дочекуваат со големи неизвесности и нервози. Ништо поразлично не е и сега, на прагот на новата берба. Откупната цена е непозната, а непознато е ниту дали ќе се откупи целиот род, кој се цени на околу 150 милиони килограми. Иако состаноците станаа пракса, лозарите и винарите сеуште немаат изградено партнерски однос.
Денеска од здружението на лозари „Напредни лозари“ од Кавадарци побараа итно да делуваат откупувачите, но и институциите, да се превземат потребните мерки за подобрување на откупните цени на грозјето, бидејќи како што велат, на повидок е лозарско – винарска катастрофа во Тиквешијата и во земјава.
„До сега немам многу слух од надлежните. Сакаме да ги ангажираме сите ресурси кои што постојат да ни помогнат во пласманот на винското грозје. За цена се уште не сме разговарале. Се надеваме дека ќе има мало покачување на цената, за да имаме барем мала добивка “ вели секретарот на „Напредни лозари“, Зоран Пешков.
Тој нагласи дека очекуваат заедничка средба со визбите, пратениците и министерството за да се изнајдат решенија за откупот на винското грозје.
„Околу 20 милиони килограми грозје ќе останат не обрани. Иако визбите велат дека ќе откупа 120 милиони килограми. Јас мислам дека тоа е пропаганда. Они може ќе го соберат но ќе го сакаат без пари. Ќе се залагаме да има и извоз на вионскотогрозје,така ќе се стовори конкуренција. Ако тоа не го постигнеме ќе биде многу лошо со лозарството во Тиквешијата“ додава Пешков.
Од „Напредни лозари“ во прогласот што го објавија денеска истакнуваат дека цели три децении се обезвреднува нивниот производ.
„Со еден толку долг континуитет на обезвреднување на цената на грозјето, се удри директно, прво по достоинството а потоа и по голата егзистенција на производителите на грозје. За овие три децении, грозјето, од производ со еден блескаво висок ценовен рејтинг е доведено на дереџе на една мизерно – ефтина сировина за производство на скапи вина“ пишуваат лозарите. Сметаат дека визбите создаваат вештачка криза за да купат евтино грозје.
Ако во производството на килограм грозје покрај останатите трошоци, како трошок се вкалкулираат и наплатата на работната рака на сопствениците на лозјата и порастот на цената на работната рака воопшто, оваа година вкупните трошоци за производство на еден килограм смедеревка или вранец, ќе бидат 15 – 20 денари по килограм.
„Вашиот профит нема да изостане, можеби малку ќе се намали, но ќе се спаси од пропаст една многу добра и доходовна култура која може да го подигне стандардот на сите кои живеат во Тиквешијата и пошироко во републиката“ велат од лозарското здружение.
Ангел Данов