Сценаристот и хроничар на домашната деветта уметност, Александар Стеванов од Штип, е македонскиот претставник на осмата стрип-колонија „Рашка 2019″ што од денеска до 9 август се одржува на Семетешко езеро во Србија.
Како што информираат од СЦМ-Велес,Стеванов, како претставник на Стрип центарот на Македонија – Велес, учествува на оваа стрип колонија заедно со претставници на стрип-школите од Белград, Лесковац, Крагујевац, Ваљево и домаќинот Рашка.
Тие појаснуваат дека во рамки на петдневната стрип-колонија, која е во организација на Канцеларијата за млади од Рашка, Центарот за култура „Градац” и Клубот на ликовни уметници „Рашка школа”, преку предавања, своето искуство на помладите креативци ќе им го пренесат легендите на југословенскиот стрип Жељко Пахек и Миша Мијатовиќ.
Воедно своја промоција ќе има и најновата македонска стрип-продукција, преку изданијата на Стрип центарот финансиски поддржани од Министерството за култура.


