Локализирани два шумски пожара во Кочанско – ММС
ММС

Објавено на: 08/5/19 12:14 PM

Локализирани два шумски пожара во Кочанско

Со брза и ефикасна интервенција на екипи од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) од Кочани утрово се локализирани шумски пожари што избувнаа на две различни локации во подножјето на Осоговските Планини.

Огнената стихија што била забележана во неделата попладне во близина на селото Бели, зафатила околу три хектари букова и нискостеблеста шума која целосно е изгорена, а по неколкучасовна интервенција, доцна изутрината пожарникарите успеале да го спречат понатамошното ширење на пламенот.

-Вториот пожар беше регистриран рано изутринава во атарот на планинското село Припор, при што кога стигнавме на местото за интервенција, огнот веќе имаше зафатено околу половина хектар багремова, но и зимзелена шума. Интервениравме со две возила и пожарот е локализиран, а со оглед што овој дел од шумскиот појас е под надлежност на шумското стопанство „Осогово”, побаравме поддршка и од нивна страна, информираа од ТППЕ – Кочани.

Според првичните согледувања, причина за двата пожара е човечкиот фактор, а за првите седум месеци од оваа година кочанските пожарникари бележат за десет отсто зголемен број интервенции кај шумските пожари во споредба со лани. Притоа, од огнената стихија досега беа зафатени близу 60 хектари, при што целосно изгорена или сериозно оштетена е нискостеблеста, зимзелена и друг вид шума во атарот на Осоговијата