Иселеничка средба во делчевското село Град – ММС
ММС

Објавено на: 08/5/19 9:45 AM

Иселеничка средба во делчевското село Град

Во делчевското село Град се одржа 10-тата иселеничка средба, на која присуствуваа над 500 жители, од кои стотина иселеници.

Благодарение на иселениците кои повторно се организираа, центарот на селото уште еднаш синоќа наликуваше на селото кое тие го паметат од пред 20 и повеќе години, полно со млади луѓе, кои порано биле составен дел на таканаречените „игранки”, се сеќава на тоа време исленикот Благојчо Илиевски.

Тој раскажува дека има многу иселени од село Град, многумина Македонци, жители на село Град си доаѓаат повремено во зимскиот и летниот период.

– Има луѓе и кои не се присутни во нашето село, но тие што сме тука повторно ја оживуваме традицијата. Многу ми е мило кога се собираме овде пред селската чешма, кога гледам како младите повторно се тука, заради нив всупност е и прекрасна средбата, вели Илиевски.

За постарите жители оваа традиција треба и понатаму да продолжи да се организира, бидејки тоа им ја исполнува душата.

– Во село Град нема ниту свадби, ниту собори, младите не се женат. Вака кога гледаме кога се соберени младите е нешто навистина прекрасно, вели Драган Стоичов.

Во рамки на иселеничката средба се кршеше и лепче со паричка, по што беше одбран и кумот за наредната година. Новите кумови Илија и Светлана Кацарски не можеа да ја скријат радоста од тоа што тие ќе бидат задолжени за организирање на средбата за наредната година.

-Убаво е кога ќе ја добиеш честа да организираш таква средба, ние сме од помладата генерација, работиме во Швајцарија и секогаш сакаме да учествуваме на вакви убави настани кои повторно не поврзуваат, истакнуваат од семејството Кацарски.

МИА