Раздвоени сијамски близначки – ММС
ММС

Објавено на: 08/3/19 3:09 PM

Раздвоени сијамски близначки

Тим унгарски лекари успешно радзвоија сијамски близначки споени со главите, во операција во Бангладеш што траеше 30 часа, соопшти фондацијата Акција за беспомошни луѓе.

Ризичната операција за раздвојување на черепите и мозоците беше успешна по 30 часа неизвесност и сега близначките се во стабилна состојба. Можно е да се појават компликации, па лекарите се претпазливо оптимистични, велат од фондацијата.

Операцијата почна во раните утрински часови во четвртокот и се одвиваше во Комбинираната воена болница во Дака, Бангладеш.

Судбината на тригодишните близначки Рабеја и Рукаја беше во рацете на тимот од 35 унгарски лекари.

Децата се родени на 16 јули, 2016 година со царски рез во Пабна, Бангладеш. Нивните родители, наставниците Рафикул и Таслима Катун, велат дека уште тогаш дискутирале за можностите за раздвојување.

Фондацијата веќе седум години активно работи во Бангладеш, а процесот за раздвојување на овие сијамски близначки почна уште во 2018 година, кога децата имаа само година и пол.

Унгарскиот тим лекари целосно го осмислија и изведоа сложениот систем од операции за раздвојување на сијамските близначки, наречен „Операција Слобода“.

Првата фаза беше ендоваскуларно раздвојување на деловите од заедничката церебрална вена во 2018 година, под водство на доктор Иштван Худака, исто така во Дака.

Втората фаза на пластична хирургија, имплантација и постепено ширење на специјалниот систем на импланти што го прошируваат ткивото дизајнирано во Унгарија, се одвиваа во Будимпешта под водство на доктор Гергељ Патаки.

Третата фаза беше конечно раздвојување, што го изведе неврохирургот Андраш Чокаи.

ПресЦентар.мк