Еден концесионер сам се откажал, а на останатите во најкраток рок ќе им бидат одземени концесиите за ископ на минерални суровини од подножјето на планината Јабланица во близина на струшкото село Лабуништа, информираше денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
При денешната средба со жителите на селото и претставници на еколошкото здружение „Натура Лаб”, тој истакна дека ништо не е поважно од здравјето на луѓето.
– Не е во ред во населено место од 10.000 жители да има шест концесии. Тоа првично не е со начелата за животната средина, но истовремено и за подобрување на животот на сите граѓани. Не може да се подобри животот на граѓаните ако ние ги уринираме сите богатства што се на оваа локација. Истовремено да ги уништиме патиштата, да направиме прашина и слично. Се отвораат работни места, некој може и да изгуби работно место, но компромис со здравјето на граѓаните нема, рече Бектеши пред лабуништани.
Министерството за економија и Владата како надлежна за издавање концесии, подвлече тој, може и да ги одземе концесиите.
– Еден од концесионерите сам се откажа. Концесијата која беше над селото и најголем проблем од утре ќе ја повлече цела механизација од местото. За другите концесии колку што бев запознаен две се речиси внатре во селото, даден им е рок и во најкраток можен рок нема да проработат. Ние мора да ги запазиме правните процедури. Владата која ги дава, може и да ги одземе концесиите, нагласи Бектеши.
Концесиите, додаде, се издадени од 2016 година наназад и оти побарал ревизија на сите документи и начинот како се дадени.
Министерот за економија даде поддршка за месното население за иницијативите и одлучноста за надминување на овој за нив горлив проблем, порачувајќи им да бидат секогаш сплотени за доброото на семејствата и за добро на село Лабуншта.
Револтот со ископите лабуништани најпрво го искажаа преку мирен протест и едночасовна блокада на регионалниот пат Струга – Дебар, а потоа поставија и шатори со 24-часовни дежурства во блзина на каменоломите и не дозволуваа пристап на механизацијата.
МИА