Новинарот Бранко Героски бара истрагата за случајот „Рекет“ да побрза и да внимава, зашто, како што предупредува тој, главните соработници на Боки 13-ка во перењето пари можат да избегаат. Тој вели дека ќе ја обелодени и нивната врска со лице од самиот врв на СДСМ.
Во својот пост на Фејсбук, Героски пишува:
„Пензионерката Лилјана Тодоровска за Телма го даде клучниот исказ за тоа како се испрани парите од градежните фирми ‘Пелистер’ и од ‘Дрим билдинг’.
Но, Лилјана Тодоровска не е перачот, туку луѓето кои биле со неа и кои веднаш и ги зеле парите. Очекувам Тодоровска итно да ги соопшти нивните имиња, за да ја намали или дури и да ја оттргне вината од себе.
Според моите сознанија, Фросина Ременски, исто така ги знае овие лица и ја знае шемата. Бидејќи таа најави дека ќе соработува со истрагата, очекувам отворено да ги каже овие работи.
Кој мисли да избега од фактите, гадно се зезнал!
Ќе почекам до понеделник, а потоа во вторник ќе ги соопштам клучните луѓе од Меѓународен сојуз кои учествувале во операцијата на перење пари. Се надевам дека истрагата ги следи и дека нема да им дозволи да избегаат од земјата, бидејќи, како што слушам, лицето кое е најважен соработник на Боки 13 веќе чистела документи од неговата канцеларија.
И нешто друго ќе објавам во вторник, ако истрагата и натаму продолжи да тапка в место – можеби само со псевдоними и референци, но лесни за препознавање, ќе ја кажам врската на клучните перачи на Боки 13 со лице од самиот врв на СДСМ.
За апологетите да не паничат, еве ќе ги смирам малку – не е Заев!
Се надевам и очекувам истрагата да биде побрза од мене.
До читање во вторник!
ПС. Ако се наложи итна потреба, ќе пишувам и поскоро. Ова одложување не е никаков маркетиншки трик, туку моја искрена желба истрагата да се истакне, а и во СДСМ да почнат со внатрешна лустрација во врска со овој случај.“
ПЛУСИНФО