Крадци на ограда и животни ја загрозуваат безбедноста на автопатот Гостивар – Тетово – ММС
ММС

Објавено на: 08/1/19 7:23 AM

Крадци на ограда и животни ја загрозуваат безбедноста на автопатот Гостивар – Тетово

Возењето по автопатската делница Гостивар – Тетово може да се претвори во вистински кошмар. При брзини што често надминуваат 100 километри на час, на коловозот се појавуваат животни и сериозно ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот. Шок од „средбите” со бездомни кучиња, диви, домашни животни, па дури и коњи, годишно доживуваат над стотина возачи. Најчесто во ваквите сообраќајни несреќи има само материјална штета, но имало и случаи на загинати.

Годишно над сто сообраќајни несреќи предизвикани од животни

Појавата на животни по коловозот на автопатот Мајка Тереза (Гостивар – Тетово – Скопје) најчесто се објаснува со недостиг на заштитна ограда на одредени места и типот на автопатот. Тој е од отворен тип и има повеќе влезови и клучки што обезбедуваат пристап до повеќе населби што се лево и десно од оваа сообраќајница.

Животните ги пронаоѓаат овие места и неконтролирано се движат по коловозот.

Возачите се соочуваат со дополнителни непријатности особено во ноќните часови, кога видливоста е помала, а можноста да се избегнат исто така многу отежната.

Според евиденцијата на полицијата, на годишно ниво се регистраат над сто сообраќајни несреќи во кои директни причинители се токму животни.

– Во првите шест месеци од оваа година на подрачјето на СВР Тетово се случиле вкупно 28 сообраќајни несреќи (Тетовско – 25, Гостиварско – 3), предизвикани од животни, најмногу од кучиња скитници. Најголем број несреќи се регистрирани на делницата Гостивар – Тетово – Скопје, претежно во близина на клучките за Тумчевиште, Камењане и Групчин. Во сите несреќи причинета е значителна материјална штета, а само во една две лица добиле тeлесни повреди. Најчеста причина за несреќите е неконтролирано движење на животните по коловоз или негово преминување, вели Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Во полициските билтени за 2018 година на тетовскиот дел од автопатот Гостивар – Тетово – Скопје вкупно се регистрирани 94 сообраќајни несреќи предизвикани од животни. Во претходните години бројките се поголеми, па така сообраќајни несреќи, најмногу со кучиња скитници, достигнуваат 120, па и 140. Најмногу се регистрирани на потегот од Гостивар до Групчин.

Во сообраќајките најчесто гинат животните, па според увидите, имало угинати коњи, овци, мечка, срни, зајаци и други „живинки”. Возилата претрпуваат голема материјална штета и има телесно повредени лица. Еден од најтрагичните случаи регистриран последниве години е оној од април 2016 година.

Во близина на клучката за селото Тумчевиште, автомобил „цитроен Ц5″ во кој покрај возачот биле неговата сопруга и ќерка налетал на три коњи. Од ударот два коња биле усмртени, а возачот и сопатниците повредени. Од тежината на повредите, на пат кон болница едната сопатничка починала. Голема штета настана кога автомобил „сеат” влета во стадо овци на влезот до Гостивар. Од силината на ударот, возилото беше речиси целосно оштетено, а угинати беа петнасет грла.

Неодговорни лица крадат и ја оштетуваат жичената заштитна ограда

Појавата на животни ја потврдуваат и вработените во двете секции (гостиварската и тетовската) на „Македонија пат”. Со оглед дека се често на терен, сметаат дека „дупките” на заштитната жичена ограда дополнително им овозможуваат на животните да се најдат на коловозот. Оштетувањата не се обични и патарите сметаат дека тоа е класична кражба, а во некои случаи и намерно оштетување.

– Состојбата е особено влошена напролет и наесен со преселбата на овците. Сточарите ја користат близината на автопатот и често го користат за движење на стадата. Неодамна нашата дежурна патна служба прибра три коњи што шетале по коловозот. Ги чувавме цела недела, додека надлежна служба не ги одведе. Токму двосменското патролирање на службата спречува поголеми штети и трагедии. Но, не се краде и оштетува само оградата, регистрирани се и случаи на кражба и оштетување на металните браници. Пријавуваме во полиција, па потоа тие ја вршат нивната работа, велат од гостиварската подружница на ЈП „Македонија пат”, во чија надлежност е одржувањето на делницата од преминот Стража до клучката за селото Жеровјане.

Со слични предизвици се соочуваат и нивните колеги од тетовската секција кои се грижат за проодноста и одржувањето на овој потег од Жеровјане до наплатната станица Глумово.

– Се случува да забележиме дека поправената ограда на истото место повторно недостига. Кражбите се чести и има оштетувања што, според наши сознанија, ги прават земјоделците што имаат ниви во близина на автопатот и прават диви премини. Некогаш тоа го прават и лица кои на ваков начин доаѓаат до одредени производствени погони и угостителски објекти, велат тетовските патари.

Нивните согледувања се и да се набави и постави жичена ограда што е поинаква од постојната. На тој начин, кога ќе се постави на друго место, тоа ќе биде уочливо и полесно ќе се докаже кражбата. Ваква жичена ограда, според димензиите и изгледот, има и во малопродажба.

Гостиварската секција лани заменила и поставила 1 740 метри, а годинава за првите пет месеци 640 метри. Тетовската секција Тетово на потегот од Жеровјане до скопско Глумово годинава заменила и поставила 2 500 метри.

Кражбата на металната заштитна ограда е кривично дело

Последиците што може да ги предизвика крадењето на металната заштитна ограда воопшто не се наивна работа, предупредуваат патарите. Пред некоја година беше објавен податок дека по должината на речиси 60-километарскиот автопат беа украдени над четири километри заштитна жичена ограда.

Иако најголем број минатогодишни и годинашни несреќи предизвикани од кучиња скитници што неконтролирано се движеле по коловозот поминале без посериозно повредени возачи или сопатници, сепак е причинета материјална штета на возилата. Тоа на сопствениците на автомобилите им создава дополнителни маки, за да ја наплатат штетата од осигурителните компании.

– Во Секторот за внатрешни работи Тетово просечно годишно се пријавуваат по две-три кражби на заштитна метална ограда. Ова претставува и кривично дело „загрозување на безбедноста на сообраќајот”, за кое е предвидена парична или затворска казна од една до три години (член 298 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија), наведува полицискиот портпарол Јосифоски.

Тој во оваа пригода упати и апел бидејќи, како што рече, претстои доаѓање на гурбетчиите и летноодморската сезона и притоа да се почитува ограничената брзина (максимум 80 километри на час ), означена со нови знаци и да се внимава на можноста од блиски средби со животни, особено во вечерните часови.

МИА