Република Северна Македонија и Република Бугарија денеска ја одбележуваат двегодишнината од потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји. Параф на документот во Скопје на 1 август 2017 година ставија претседателите на владите на двете земји Зоран Заев и Бојко Борисов.
Договорот ги отвори перспективите за двете земји за интензивна и цврста соработка на билатерален и мултилатерален план, унапредување на транспортните врски и комуникации, олеснување на царинските и граничните формалности, издвојување средства за регионални инфраструктурни и прекугранични проекти, олеснување на контактите меѓу граѓаните на двете држави, како и силна поддршка на Бугарија за евроатлантските аспирации на нашата земја.
Премиерот Заев по потпишувањето изјави дека Договорот покажува дека минатото може да биде темел на идната соработка, го отвора патот за соработка и развој на двете држави и е модел за соработка во регионот и пошироко. Тоа е, додаде, и порака до ЕУ и до НАТО дека земјите во регионот имаат раководства кои се однесуваат европски, а нивните земји заслужуваат европска перспектива. Бугарија со ова, рече, станува наш сојузник на патот кон ЕУ и НАТО.
Борисов, од своја страна, го одбележа фактот дека договорот е потпишан без одредени притисоци и посредници.
-Не знам дали е првпат, но меѓу две држави без модератори и посредници стигнавме до тоа дека дружбата и добрососедството е најважно од сè. Тоа ќе нè направи силни, независни и значајни. Убеден сум дека за десет години резултатите ќе бидат видливи, изјави Борисов.
Истиот ден беа потпишани и два меморандума за соработка, кои се однесуваат на железничкото поврзување меѓу двете земји, односно на Коридорот 8 и за соработка во областа на гасот кој ќе овозможи нашата земја да купува гас од Европската Унија, а Бугарија да го транспортира.
Договорот следната година на 15 јануари беше ратификуван во нашето Собрание и во бугарскиот Парламент три дена подоцна, а формално стапи во сила на 15 февруари 2018 по потпишувањето на Протоколот за размена на ратификациските документи од страна на шефовите на дипломатиите на двете земји Никола Димитров и Екатерина Захариева во Софија.
Со Договорот двете договорни страни, меѓу другото, се обврзуваат да развиваат сестрани односи помеѓу себе во согласност со основните принципи на меѓународното право и добрососедството, да ја развиваат соработката во областа на европската и евроатлантската интеграција, насочена кон успешна подготовка на нашата земја за пристапување кон ЕУ и НАТО. Ниту една од Договорните страни нема да презема, поттикнува и поддржува дејствија, насочени против другата земја, кои имаат непријателски карактер, дека немаат и нема да пројавуваат територијални претензии една спрема друга, како и дека секоја од договорните страни има право да ги заштитува правата и интересите на своите државјани, на територијата на другата договорна страна, во согласност со меѓународното право.
Согласно Договорот за добрососедство двете земји формираа и Заедничка експертска мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања која треба да помогне за унапредување на соработката и пред се подобрување на содржините и наставните програми по предметот Историја и во нашата држава и во Бугарија.
Комисијата веќе го достави првиот годишен извештај со препораки за заедничко славење на историски настани и личности кои се дел од заедничката историја на двете земји. Препораките кои беа усвоени и од владите на двете земји, се однесуваат на заедничко одбележување на Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил.
Воедно, од Заедничката експертска комисија се бара решително да ја забрза својата активност за значајни теми од нашата заедничка историја како Гоце Делчев, Илинденското востание и др. и да настојува да се постигнат реални резултати до крајот на 2019 година, во однос на содржината на учебниците. Токму прашањето за Гоце Делчев создаде тензии во работата на Заедничката комисија поради различните толкувања на историографските факти и документи за неговиот лик и дело.
Тоа беше повод и за размена на остри реакции меѓу Скопје и Софија, која се закани дека ќе се повлече од работата во Комисијата доколку нема договор околу датумот за чествувањето на Делчев. Но потоа следеа умерени изјави од политичките елити на двете страни. Шефот на бугарската дипломатија Захариева изјави дека „Гоце Делчев е важна личност и за двете земји и треба да нè обединува со Северна Македонија, а не да нè дели”. Шефот на дипломатијата Никола Димитров даде слична изјава дека делото на Гоце Делчев може да биде мостот кој ќе ги поврзе Северна Македонија и Бугарија, а што ќе пишува во учебниците за ликот и делото на Гоце Делчев вели дека за тоа ќе одлучат комисиите кои разговараат.
Премиерите Заев и Борисов неодмана изјави дека ја охрабруваат комисијата, која повторно треба да се состане во септември, да продолжи активно да работи и да постигне согласност за отворените прашања.
МИА