Груевски најдобро би помогнал кога би се вратил во земјава за да си ја отслужи казната. Вака премиерот Зоран Заев денеска ја прокоментира вчерашната објава на Фејсбук на неговиот претходник кој напиша дека поради случувањата во земјава му идело да му помогне на Заев.
„Нека дојде. Треба помош во државата. Помош во државата е и кога ќе си ја реализирате казната. Се’ е помош. Сите испраќаме порака на одговорност со се’, заради тоа можам да испратам навистина двосмислена порака – нека се врати дома“, изјави Заев.
Екс премиерот Никола Груевски пак, вчера во својата објава на Фејсбук ја критикуваше власта дека користи излитени и одамна видени трикови кои според него, не поминуваат веке ни кај децата. Според Груевски, во земјава секој ден се случува некој нов скандал или нова афера. Тој на социјалната мрежа повторно го потенцира својот став дека судот постапува незаконски и дека е партиски мотивиран. Смета дека со него се изживувале и сакале неправилно да го затворат, а во истата објава тој го критикува и скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој најави дека ќе се менуваат имињата на улиците во главниот град според предлозите што граѓаните ќе ги даваат преку анкетата која веќе е објавена.


