Ортопедски помагала и додатоци за инвалидски колички за луѓе со тежок инвалидитет – ММС
ММС

Објавено на: 07/31/19 6:53 AM

Ортопедски помагала и додатоци за инвалидски колички за луѓе со тежок инвалидитет

 Ортопедски помагала и додатоци за инвалидски колички од Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија ќе добијат лицата со потежок и најтежок телесен инвалидитет.

Помагалата и додатоците за инвалидски колички ќе бидат предадени денеска во просториите на Центарот за ортотика и протетика Славеј во Скопје. На настанот е најавено дека ќе присуствува и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Мобилност Македонија во рамките на средствата за реализација на програмските активности за 2018 година, од средствата од игри на среќа, преку Министерството за труд и социјална политика доби сума од 1,6 милиони денари за набавка на ортопедски помагала.

Управниот одбор на Мобилност Македонија, согледувајќи ја потребата од подобрување на мобилноста на лицата со потежок и најтежок телесен инвалидитет, а во услови од неприфаќање на заложбите и иницијативите за воведување на пофункционални, поиздржливи и поквалитетни ортопедски помагала, како и додатоци за нивна изработка од страна на ФЗОМ, донесе одлука средствата да се инвестираат во три насоки и тоа: за рефундирање на средства уплатени за набавка на чевли на лица со телесен инвалидитет со повишување на чевли над шест сантиметри, (бидејќи ниедна ортопедска куќа нема потпишан договор со ФЗОМ заради неприфатлива референтна цена); за набавка на силиконски лајнери (навлаки за чкунка) со и без пин за корисници на надколени и подколени протези (лајнерите не се на листата на ортопедските помагала објавена од ФЗОМ) и за набавка на електрични додатоци за инвалидски колички за полесно движење во градски услови.

МИА