„КажиСтоп”: Лани девет случаи на трговија со луѓе и 128 потенцијални жртви – ММС
ММС

Објавено на: 07/30/19 2:22 PM

„КажиСтоп”: Лани девет случаи на трговија со луѓе и 128 потенцијални жртви

Лани во земјава биле идентификувани девет случаи на трговија со луѓе и 128 потенцијални жртви на трговија со луѓе. Најзастапени форми на трговија со луѓе во нашата држава се сексуалната експлоатација, принудното питачење, трудовата експлоатација и криумчарењето на мигранти. Многу често овие видови на трговија на луѓе се меѓусебно испреплетени, па токму затоа овој криминал може да се јави во многу форми. Како што покажуваат податоците добиени во рамки на проектот „КажиСтоп” годинава веќе има три нови истраги за криумчарење на мигранти во нашата држава.

– Од 2015 година Министерството за внатрешни работи воведе „Црвено Копче”, апликација создадена за пријавување на злоупотреба на деца, трговија со луѓе, како и криминал од омраза и повикување на насилство. Апликацијата е наменета за пријавување на овие кривични дела од страна на жртви, но и од страна на кој било што има некакви сомненија или информации за одреден случај, се вели во соопштението од „КажиСтоп” по повод 30 јули – Светскиот ден за борба против трговијата со луѓе.

Затоа, се додава во соопштението, важно е секој граѓанин да се запознае со индикаторите за препознавање на трговија со луѓе и да може да идентификува потенцијални жртви на трговија со луѓе, како и да се заштити себе.

– За оваа цел потребно е да се организираат едукативни активности уште во училишна возраст, да се помага на жртвите од трговија со луѓе, да се алармира во соодветни институции, оваа тема да се покрива почесто во локалните медиуми и да се пријавува секој сомнителен случај. Доколку се сомневате дека вие или некој друг во ваша близина е потенцијална жртва на трговија со луѓе пријавете го случајот веднаш на бесплатната SOS телефонска линија 0800 11 111 или на 077 811 191, се потенцира во соопштението.

Главна цел на одбележувањето на овој ден е подигнување на свеста за страдањето на голем број лица кои се соочуваат со сексуална експлоатација, трудова експлоатација, присилно питачење, модерно ропство, трговија со органи, искористување при криумчарење и други форми на трговија со луѓе. Овој ден се одбележува од 2013 година по усвојувањето на Резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации за борба против трговија со луѓе.

Кон бескомпромисната борба против трговијата со луѓе се вклучува и Македонското здружение на млади правници во соработка со Национална комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција на Република Северна Македонија со кампањата „Поблиску отколку што мислиш”, која се спроведува во рамки на проектот на УСАИД за заштита на правата на бегалците и мигрантите.

Кампањата има за цел да придонесе за заштитата на човековите права на жртвите на трговијата со луѓе. Покрај тоа, оваа кампања се стреми да допре до сите граѓани на државата за и тие да се приклучат во глобалната борба против една од најпрофитабилните криминални акстивности во светски рамки, како и да ја подигне јавната свест за теми поврзани со жртвите на трговијата со луѓе.

Главни фактори за појавата на трговија со луѓе се корупцијата, недостатокот на работни места, нискиот степен на образование, нарушените и дисфункционални семејства, слабостите во заштитата на човековите права, неспроведувањето на политиките на владата и многу други.