Жалбата на Кочан одбиена, мора веднаш да се јави во затвор – ММС
ММС

Објавено на: 07/30/19 1:41 PM

Жалбата на Кочан одбиена, мора веднаш да се јави во затвор

Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје ја одби жалбата на Сеад Кочан како неоснована и го потврди решението на судијата за извршување санкции, според кое осуденото лице е должно веднаш да се јави на издржување на затворската казна.

-Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје, постапувајќи по жалба изјавена против решение на судија за извршување санкции со кое се одбива барањето за одлагање на извршување на затворската казна на еден од правосилно осудените лица во предметот со К.бр. 1459/17 од обвинителството означен како „Труст”, по добивање на целокупната документација поврзана со жалбата, на 26.07.2019 година одржа нејавна седница, се наведува во соопштението од Судот.

По разгледување и ценење на жалбата, како што стои во соопштението, Советот донел решение со кое жалбата ја одбил како неоснована и го потврдил решението на судијата за извршување санкции, според кое, осуденото лице е должно веднаш да се јави на издржување на затворската казна, а одлуката на советот е писмено изработена и експедирана до странките.

Бизнисменот Сеад Кочан со првостепената одлука за предметот „Труст” беше осуден на шест години затвор, а Апелацискиот суд Скопје во март годинава ја намали на четири години и осум месеци. Кочан беше осуден за манипулации околу добивање тендер од ЕЛЕМ од 17 милиони евра.