Рикер бара конструктивност од опозицијата во носењето на Законот за ЈО: Заврши времето на политички игри – ММС
ММС

Објавено на: 07/26/19 10:26 AM

Рикер бара конструктивност од опозицијата во носењето на Законот за ЈО: Заврши времето на политички игри

Фото: МИА

Носењето на Законот за Јавно обвинителство мора да се придвижи – ова е пораката која на политичарите во земјава им ја испрати помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер. Законот за кој веќе извесен период се кршат копјата меѓу власта и опозицијата, е ставен во фокусот на средбите на Рикер со државниот врв, откако вчера и еврокомесарот Јоханес Хан беше дециден дека мора да се постигне консензус за ова законско решение, во интерес на граѓните.

Рикер претпладнево со апел до опозицијата која не се согласува со Нацрт законот – дека има клучна улога, но мора да биде конструктивна.

„Време е да се придвижат работите за доброто на земјата. Северна Македонија се движи напред да ги исполни целите поврзани со евроатлантските интерации. САД сака да може да работи со сите политички партии, но за да го направиме тоа, мора да видиме напори за придвижување на Законот за Јавно обвинителство.  Неговото усвојување сега ќе значи дека тоа нема да биде отворено прашање. ЕУ ќе може наесен да ги отвори преговорите и јас ја поттикнувам опозицијата да се придвижи за да имаме уште поблескава иднина“, изјави Рикер додавајќи дека е завршено времето на политички игри.

На заедничката прес конференција со премиерот Заев, Рикер претпладнево се осврна и на Преспанскиот договор. Тој тврди дека САД иако нема членство во ЕУ ги поддржува евроинтеграциите на земјава:

„Како поранешен дипломат на САД тука бев во деведесеттите, се вратив како амбасадор, а потоа како заменик асистент, секретар за Европа и Евроазија. Драго ми е што сум тука да го изразам восхитот на САД за тоа што вашата земја го постигна. Преспанскиот договор останува модел за храбро изнаоѓање решенија на проблеми и можост да се приближите кон посветла иднина.Напредокот кон членството во НАТО е нешто многу убаво да се види. Веќе соработуваме во многу области, вклучително одбраната и безбедноста.Имаме добар пример за тоа, а на оваа посета доаѓам директно од Грција каде се сретнав со голем дел од новата влада. Инспиративно е да се види толку беспрекорна транзиција кон новата влада. Возбудливо е да се биде вклучен тука во целиот регион, има многу работи кои треба да се постигнат. Имав можност да го потсетам премиерот дека САД иако не е членка на ЕУ ја поддршка Македонија во нејзините еропски перспективи. Ние ги поттикнуваме земјите членки на ЕУ да дадат поддршка за да ги почнете преговорите. Ова е возбудлив период, Трамп ја потенцираше важноста од затворањето на сите стари работи“.

Премиерот Зоран Заев вчера на собраниската седница за пратенички прашања истакна дека доколку до 6 септември не биде изгласан Предлог законот, постои и непосакуван начин како да се обезбеди неговата иднина. Новинарите денеска побараа тој да појасни – кој е тој непосакуван начин.

„На непосакуван начин секогаш се мисли кога државата е ставена во функција да изнаоѓа други начини, кога не се наоѓаат регуларните. Тие ќе бидат понепријатни начини, затоа што ќе мора да седиме на лидерски средби, да доаѓаат експерти и стручни лица, но секако државата мора да го најде начинот, бидејќи мора да продолжи да работи. Целта е да бидеме сите одговорни политичари. Власта прифати сериозни сугестии од опозицијата и тие се веќе вградени во новото законско решение“, изјави Заев.

ВМРО-ДПМНЕ сепак и понатаму има низа забелешки за Предлог законот од кој зависи идниот статус на СЈО. Според опозицијата, Предлогот е надвор од европските стандарди и претставува обид за политичко мешање врз судството.

 

Вања Мицевска