Актуелната политичка состојба во земјава била тема на разговор меѓу еврокомесарот Јоханес Хан и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Од партијата преку писмено соопштение информираа дека според Мицкоски европските интеграции и политичкиот дијалог се закочени и тој ова свое видување му го пренел на Хан за време на денешната средба. Мицкоски истакнал дека е загрижен, поради како што навел, отсуството на волја кај владата за справување со криминалот и корупцијата.
Откако Хан на заедничката прес конференција со Заев претпладнево истакна дека разговорите за време на неговата посета во најголем дел ќе ги фокусира на владеењето на правото, тој и Мицкоски разговарале за новиот закон за Јавно обвинителство. Претседателот на опозициската партија ги споделил забелешките за новопредложеното законско решение, додавајќи дека во однос на криминалот не се потребни компромиси.
Тој го информирал Хан дека за да се појави на нова лидерска средба, услов е на маса да биде ставено прашањето за предвремени парламентарни избори.