Хан жали што во јуни не добивме датум за преговори: Лидерите на ЕУ да ги испорачаат своите обврски – ММС
ММС

Објавено на: 07/25/19 9:05 AM

Хан жали што во јуни не добивме датум за преговори: Лидерите на ЕУ да ги испорачаат своите обврски

Време е лидерите на Европската унија да ги испорачаат своите обврски, некогаш и ЕУ мора да испорачува – изјави претпладнево еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, кој повторно е во посета на нашата земја.

Хан вели дека жали што во јуни немаше одлука за датум за отпочнување на преговорите за членство на Северна Македонија во Унијата. Го пофали досегашното спроведувањето на реформите овде, но дециден е дека тоа мора да продолжи:

„Жалам што земјите членки се’ уште немаат одлучено за отворање на пристапните преговори, затоа што вие испорачавте се’ што беше побарано. Уверен дека оваа одлука ќе биде донесена во октомври. Време е лидерите на ЕУ да ги испорачаат своите обврски, некогаш и ЕУ мора да испорачува. Неопходно е да продолжи спроведувањето на неопходните реформски мерки. Во Скопје дојдов да дискутирам главно за независноста на судството и потребата од одговорност. Ова го потенцирам особено по последните случувања. Блиску сте да направите голем исчекор во октомври, зборуваме за големи чекори. Мали за поединците, но голем чекор за општеството. Владеењето на правото мора да биде загарантирано. Дури и странските инвестиции се поврзани со квалитетот на судството“.

Сакав отворањето пристапни преговори да се случи и порано, но ги имаме регулативите според кои ни е потребна едногласна поддршка од земјите членки – додаде Хан.

„Постојат дискусии и преговори, но сите треба да бидат свесни за судбината на државата“, изјави Хан кој упати пофалби и за опозицијата, бидејќи таа според него, е конструктивен учесник во Собранието.