Министерството за правда подготви измени и дополнувања на Законот за правда за децата со цел да го усогласи со Законот за бесплатна правна помош во делот на регулирање на постапката за одобрување или неодобрување на барањето за бесплатна правна помош пред Центарот за социјални работи.
Со новиот Закон за бесплатна правна помош, како што посочуваат од Министерството, е уредено дека одредбите од ова законско решение нема да се применуваат во обезбедувањето на правна помош на дете, туку ќе се применуваат одредбите од Законот за правда за децата.
Воедно е определено дека Министерството за правда врши само исплата на доставениот трошковник и потребните документи од страна на адвокатот кога се работи за правна помош на децата во постапките пред центрите за социјална работа и Министерството за внатрешни работи согласно одредбите од Законот за правда на децата.
Со предложените измени и дополнувања е прецизирано Центарот за социјални работи да е надлежен да носи решение за одобрување на бесплатна правна помош за заштита на правата на децата во постапка пред Центарот каде што е задолжително присуството на адвокат.
Исто така, се уредува и постапката за одобрување на барањето за бесплатна правна помош од страна на центарот и начинот на постапување на адвокатот во врска со наплата на надоместокот пред Министерството за правда.
Прецизирано е дека Центарот за социјални работи е надлежен да носи решение за одобрување на бесплатна правна помош за заштита на правата на децата во постапка пред Министерство за внатрешни работи каде што разговорот со детето задолжително се води во присуство на неговиот бранител и родители/от, односно законскиот застапник.
Со измените ќе се уреди и постапката за одобрување на барањето за бесплатна правна помош од страна на центарот и начинот на постапување на овластеното службено лице на Министерството за внатрешни работи и адвокатот во врска со наплата на надоместокот пред Министерството за правда.
Воедно, со законските измени и дополнувања се врши и усогласување со Законот за прекршоците каде висината на глобите за прекршоците сторени од страна на физичките лица е драстично намалена и се определува кој надлежен орган води прекршочна постапка и кој изрекува прекршочна санкција.
Буџетот за бесплатна правна помош, како што информираат за МИА од Министерството за правда, е зголемен од три на пет милиони денари.
– Со средствата кои се обезбедени од буџетот ќе им се овозможи на многу поголем број граѓани корисници на бесплатна правна помош, а кои потекнуваат од социјално ранлива категорија, да ги остварат своите права пред судските органи, притоа нивната материјална положба да не биде загрозена. Главна цел на законот е давање на можност на што поголем број граѓани пристап до правда и квалитетно правично и фер судење, велат од Министерство за правда.
Регистри на бесплатна правна помош
За давателите на претходна правна помош и правна помош во судски и управни постапки, Министерството за правда води регистри кои се објавени на неговата интернет страна.
Во Регистарот на адвокати за давање на правна помош запишани се нови 15 адвокати, по што вкупниот број на запишани адвокати за давање на правна помош до крајот на 2018 година изнесува 353.
Група пратеници во Собранието предложија дополнување на Законот за правда за децата по скратена постапка со кое се предлага определување обврска на градоначалниците на општините, градоначалниците на општините во Градот Скопје и градоначалникот на Град Скопје да им предложат на советите на општината, советите на општините во Градот Скопје и Советот на Град Скопје да именуваат совет за детско престапништво.
Во предложеното законско решение се предвидува прекршочна санкција и глоба во износ од 300 евра до 500 евра доколку градоначалникот на општините, градоначалниците на општините во Градот Скопје и Град Скопје не ја исполнат законската обврска во врска со именувањето совет за детско престапништво.
Од Државниот совет за превенција на детско престапништво велат дека ја следат состојбата со формирањето на општинските совети, и дава поддршка и насоки за начинот на формирање, потребна документација, како и информирање на Државниот совет.
– Заклучно со јуни 2019 година информирани сме дека функционираат 21 општински совет за превенција на детско престапништво, велат за МИА од Министерството за правда.
Државниот совет во континуитет ќе продолжи со поддршката на Советите на општините за начинот на формирање на општински совети за што има и изработено Прирачник со НВО совет за превенција од малолетничка деликвенција Кавадарци.
МИА