Жителите на Лабуништа не дозволуваат пристап на механизација до каменоломите – ММС
ММС

Објавено на: 07/23/19 2:53 PM

Жителите на Лабуништа не дозволуваат пристап на механизација до каменоломите

Фото: Архива, 20.07.2019

Со 24 часовни дежурства кај каменоломите, жителите на струшкото село Лабуништа не дозволуваат продолжување на ископите.

Претседателот на еколошкото здружение „Натура Лаб”, Алим Салоски во изјава за Македонската информативна агенција  посочува дека месното население поставило шатори во подножјето на планината Јабланица, кај ископите и со постојани дежурства нема да дозволат пристап на механизацијата за работа.

„Ставивме барикади и не дозволуваме машините да стигнат до местото. На терен не се работи сега, посочи“, истакна Салоски.

По минатонеделните протести и блокада на магистралниот пат Струга – Дебар, кога Лабуништани побараа затворање на каменоломите во близина на нивното село, доколку институциите не ги слушнат нивните барања и итно одземање на концесиите, најавија порадикални протеси пред Општина Струга и пред Владата, како и блокирање на патишта.

Општина Струга излезе со соопштение во кое посочува дека градоначалникот, Рамиз Мерко ги поддржува барањата на месното населние во Лабуништа за дислокација или стопирање на започнатите работи и бара од Владата на РСМ и надлежните министерства веднаш да извршат ревизија на постапката за издавање концесии на сите каменоломи на оваа територија.

– Во потрага по решение на конфликтот, градоначалникот Мерко разговараше со министерот за економија Крешник Бектеши, кој му ветил дека многу наскоро проблемот ќе биде решен. Општина Струга ќе ги искористи сите правни механизми и ќе биде во служба на месното население во секое време, се вели во соопштението на Општина Струга.

Во подножјето на планината Јабланица во близина на селото Лабуништа имало шест активни каменоломи, кои работат со лиценци и уште неколку што работат без дозвола.