Првата средба со популарното црногорско летувалиште Улцињ ни почна со стариот дел од градот и приказната за славниот Сервантес и неговите јунаци. Според легендата, авторот на Дон Кихот, откако бил ранет во една од битките, се спасил токму во Улцињ заедно со својата Дулчинеа. Затоа, понудата во стариот град на Улцињ се базира на оваа приказна, за која нашите домаќини „веруваат дека кај нив на гости бил познатиот Сервантес”.
Од стариот дел на градот се пружа извонредна глетка на брегот и овој дел на Јадранско Море, а секако по тесните улички не може да не се помине низ плоштадот на робовите, летниот амфитеатар и музејот на отворено, црквата џамија и многу други објекти – сведоци на времето на оваа омилена туристичка дестинација на многу туристи, па и на македонските уште од времето на заедничката држава.
Од терасата на ресторанот „Тапхана”, каде што нè пречека освежување и рибја чорба со ризото од различни морски плодови, се чини дека бескрајната морска и сива шир е на дофат на раката и сите сетила го чувствуваат мирисот на морето. Еден од специјалитите што го препорачаа љубезните домаќини е месо приготвено на тула.
– Тулата се загрева на 350 степени, потоа се вади и на неа се става живото месо. Гостинот може сам да го приготвува јадењето и, секако, веднаш го јаде, објаснува Валид Суљевиќ од ресторанот „Тапхана”.
Во царството на бескрајните маслинарници
По посетата на стариот дел на Улцињ, нашите домаќини од Туристичката организација на градот нè водат во маслинарникот на Фатмир Садику, производител на познато маслиново масло, кое лично го пробал и принцот Чарлс. Објаснува дека производството не е како некогаш. Сега плодот на маслинката се собира од дрвото, а не како порано од земјата откако ќе падне.
– Јас сум сопственик на 85 илјади стебла и тоа е вистинска реткост на Медитеранот некој да има толку стебла. Ја утврдивме староста на маслинките, бидејќи во ЕУ сè уште се цени од каде потекнува шишето со масло, како што е случајот со нас, каде што имаме стебла стари по илјада и две илјади години. Годишно произведувам околу два тона квалитетно маслиново масло, кое го пласирам исклучиво во Црна Гора, раскажува Садику, кој потоа нè прошета во неговата мини фабрика за цедење на маслото и ни го презентираше традиционалниот начин на производство.
Првиот ден од престојот во Улцињ го завршуваме со прекрасна вечера во ресторанот „Континентал”, на Малата плажа во центарот на градот.
Плажата „Валданос” рај за очите
Вториот ден од престојот во бисерот на црногорскиот дел од Јадранот почнува со посета на заливот и плажата „Валданос”. Нашите домаќини се посебно горди на овој зачуван дел од нивното крајбрежје и навистина има зошто. Боровата шума и чистата вода заградена од двете страни со високи ридови ви даваат чувство дека сте на некое парче од морето како од сликовница. Иако на оваа плажа бевме на почетокот на сезоната, сепак уште од утринските часови се брза да се фати место, а во шпицот на сезоната места се заземаат уште рано наутро.
По заминувањето од „Валданос” се упатуваме кон Големата плажа долга 12,5 километри, која може да прими над 150 илјади капачи. Наша дестинација е плажата „Тампико”, на која веднаш се забележува дека понудата е навистина врвна, со средени лежалки, туш, квалитетна храна и пијалаци и, секако, коректни цени. Тука ја пробавме топлата морска вода, а можеби единствена замерка, ако може така да се каже, е што влезот во морето е плиток и треба добро да пешачите доколку сакате да се капете во подлабоко.
Според Фатмир Џека, директор на Туристичката организација на Улцињ, за развојот на туризмот најголем придонес даваат самите граѓани, кои секогаш се подготвени да ги пречекаат бројните туристи, а најмногу ги има од регионот.
– Лани имавме гости од 109 земји од светот, кои го посетиле нашиот град. Секоја година имаме раст на бројот на туристите, па овој тренд продолжува и на почетокот на оваа сезона. И годинава сме подготвени да угостиме над 100 илјади туристи, посебно во шпицот на сезоната, од 10 јули до 15 август, смета директорот Џека.
Додава дека во последно време расте бројот на гостите кои престојуваат во хотели, посебно во малите хотели, а еден таков е и хотелот „Дајте роомс”, во кој беа сместени новинарите од регионот кои престојуваа во студиска посета на јужното црногорско крајбрежје.
Со брод по Ада Бојана и влез во албанските води
На плажата „Кобања” нè пречекува шаренило од кајт сурфинзи. Тука е домот на љубителите на овој екстремен спорт, кои го користат ветрот за да можат да сурфат.
– За да се научи овој спорт, потребно е тој што е заинтересиран да престојува тука петнаесетина денови. Курсот за летање со кајт чини околу 400 евра, а потребно е да има тежина од минимум 35 – 37 килограми за да може да дава отпор на леталото, објаснува инструкторката Лара Сибиновиќ од Ниш.
За крај домаќините ни го понудија најубавото – возење со брод по устието на реката Бојана во Јадранско Море и поглед на островот Ада Бојана, познат како оаза на љубителите на нудизмот.
Реката Бојана, која истекува од Скадарско Езеро и во своето течение од 40 километри во два крака се влева во морето, е место каде што куќите од двете страни на реката се вистинска атракција.
По напуштањето на едниот крак и влез во другиот, нашиот брод влегува во албанските територијални води. Водичот и капетанот велат дека тоа е нормално, бидејќи мора да пловат во подлабоки води за да можат да бидат на безбедно. Вториот крак по половина е поделен меѓу Црна Гора и Албанија. Од албанската страна сè уште можат да се видат бункерите и други објекти за обезбедување на пограничната територија. Полека се враќаме на почетната позиција. Бродот застанува пред култниот ресторан „Баракуда”. Влегуваме директно од бродот и по кусото освежување се враќаме назад во хотелот.
Последната вечер поминува во незаборавно новинарско дружење и со љубезните домаќини.
Утре полека заминуваме од Улцињ и повторно сме на пат кон Бар и Подгорица. Секој од колегите од Словенија, БиХ, Србија и Словачка заминува во својот правец. Верувам дека чувствата на сите ни се исти – Улцињ и јужниот брег на Црна Гора треба да се доживеат за да може да се раскажува.
МИА