Голем интерес кај граѓаните за приватизација на државното земјиште, откако минатата година беше дадена нова можност да се поднесуваат барања, беше истакнато денеска на средбата помеѓу заменик министерката за финансии Ширет Елези и директорката на Управата за имотно-правни работи Шасине Касами. Преку 9.000 барања се поднесени во овој период, а исто така забрзано се работи на решавање на сите поднесени предмети, со околу 11.400 нови решени предмети.
Заменик министерката Елези рече дека давањето на нов рок до крајот на 2021 за поднесување на барања за приватизација, било во насока да се излезе во пресрет на граѓаните кои после истекување на рокот во 2014 година не можеле да си го приватизираат земјиштето.
-Кога се правеа законските измени во Министерството за финансии ги земавме предвид барањата на граѓаните. Имено тогаш пристигаа реакции од граѓани кои не успеале да го запазат рокот за поднесување барање во 2014 година, како граѓани кои живееле во странство, но и граѓани кои живеат во земјава. За таа цел со законското решение го продолживме рокот до крајот на 2021 година. Согласно податоците и новоподнесените барања во Управата за имотно-правни работи се гледа дека има интерес кај граѓаните и дека продолжувањето на рокот е основано – рече Елези и рече дека е најважно да има и добра динамика на решавање на поднесените предмети.
Директорката Касами информираше дека забрзано се работи на решавање на предметите, како новоподнесените така и стари предмети. Преку три четвртини од вкупно поднесените 232 илјади предмети се решени.
За граѓаните да знаат во која фаза им се наоѓа предметот изработена е веб-платформа privatizacija.gov.mk, преку која граѓаните ќе знаат во секој момент до каде е нивното барање. Во моментот во системот се достапни само предметите за приватизација од 2018 и 2019 година, а во тек е и постапка на внесување на старите предмети, со тенденција во текот на наредната година да се внесат и да бидат достапни сите стари предмети кои се во постапка.
-Порталот privatizacija.finance.gov.mk за проверка за статус на предмет се користи многу едноставно. Се што е потребно е архивскиот број на предметот, која година е поднесен, катастарската парцела и општина каде е поднесен или матичен/даночен број. Софтверот на е-маил доставува податоци за статусот на предметот. Пуштањето на порталот е само еден од чекорите кои ги преземаме за Управата за имотно правни работи да биде ефикасна и модерна институција која е ориентирана кон граѓаните и фирмите, а понатаму ќе се стремиме да се усовршуваме, да воведуваме и други новини, да учествуваме и во други проекти, се со цел поефикасно и побрзо решавање на барањата на граѓаните и фирмите – рече Касами.