Физикална терапија „Кежовица” се враќа во владение на Клиничката болница во Штип – ММС
ММС

Објавено на: 07/18/19 2:10 PM

Физикална терапија „Кежовица” се враќа во владение на Клиничката болница во Штип

Физикална терапија „Кежовица”-Штип пред 20 дена со одлука на Владата е вратена во владение на штипската Клиничка болница, информираше денеска директорот на болницата, Ален Ѓеорѓијев.

Пред шест  години, две третини од оваа здравствена установа им беа дадени на менаџирање на Универзитетот „Гоце Делчев”, а една третина припадна на Министерството за здравство, но не им се излезе во пресрет на потребите на пациентите и здравствените работници во делот на инвестициите. Ѓеорѓијев забележа дека болницата сега ќе може да инвестира преку проекти и сопствени средства во подобрување на инфраструктурата, која не е реновирана со децении наназад.

–   Инфраструктурата е најлоша. Во делот каде што се амбулантите, каде пациентите примаат третмани. Секако и стационарот и болничкиот дел не е сјаен, меѓутоа сметам дека таму малку се попристојни условите. Но, зградата каде што се наоѓа базенот, каде доаѓаат сите пациенти кои имаат потреба од физикална терапија е во исклучително лоша состојба, вели Ѓеорѓијев.

На физикална дневно во просек се врши терапија на околу 200 пациенти, не само од источниот регион, туку и од целата земја. Пред два месеци, после 50 години, беа набавени и првите софистицирани апарати во вредност од 30.000 евра, сопствени средства на болницата, а беа вработени и 13 физиотерапевти. Меѓутоа, поради нерешениот правен статус на институцијата, Клиничка болница-Штип не смееше да интервенира во реконструкција на објектот. Колку ќе чини реконструкцијата на Физикална терапија „Кежовица”-Штип ќе се знае до крајот на годината, кога ќе се изготви и проект.