Раст на градежните активности, претежно во нискоградбата, и надолен тренд во високоградбата ја одбележуваат состојбата во градежништвото во првата половина од годинава, коешто, според стопанствениците, се стабилизира по ланските лоши резултати и може да се очекува да испорача подобри резултати следната година.
Андреја Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија, вели дека оваа година сликата во градежништвото се менува во позитивна насока. Во првиот квартал од 2019 година наспроти првиот квартал лани забележан е пораст на градежништвото во БДП од седум проценти.
Нискоградбата го придвижи градежништвото
Оптимизмот за заживување на градежништвото, како што оценуваат стопанствениците, се должи, пред сè, на реализацијата на капиталните проекти преку Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), каде што во првата половина од годинава се реализирани 4,43 милијарди денари за инвестиции, пораст од 38,37 проценти во однос на истиот период лани. Во тоj период се работеше на проектите автопатот Кичево – Охрид, експресните патишта Штип – Радовиш, Градско – Дреново, Дреново – Фариш, Штип – Крупиште, Крупиште – Кочани, Ранковце – Длабочица, Длабочица – Крива Паланка. Тука се и рехабилитациите што ги спроведува со сопствени средства, како и со средства од Светска банка и ЕБОР во коишто спаѓаат делниците: Радовиш – Подареш, Берово – Клепало, Охрид – Подмоље, Јурумлери – Драчево и други. Во меѓувреме, завршена и пуштена во сообраќај е автопатската делница Миладиновци – Штип. Во второто полугодие од 2019 година се планира реконструкција и рехабилитација на државни патишта на 60 патни делници, санација на свлечишта, мостови, изградба на звучни огради и сообраќајна сигнализација во вкупен износ од околу 9,84 милијарди денари.
Послаби резултати заклучно со мај имаше во реализацијата на капиталните расходи предвидени со Буџетот и таа изнесуваше 13 проценти, а заклучно со првата недела од месецов се зголеми на 22 процента. Заклучно со мај годинава беа реализирани 13,74 проценти или 3,568 милијарди денари, а за еден месец, како што објави вицепремиерот Кочо Анѓушев, се зголемиле на 22 процента.
– Капиталните инвестиции, од 13 проценти колку што изнесуваа на крајот на мај, заклучно со оваа недела (10 јули) се 22 процента, и таа бројка покажува дека има сериозен напредок. Формиравме работна група што се занимава исклучиво со капиталните инвестиции и веќе во рамки на неполн месец имаме сериозно зголемување од 11 до 12 проценти во реализацијата на капиталните инвестиции. Капиталните инвестиции во овој буџет се планирани на начин да почнат со тендерски постапки на почетокот на годината, односно не се некои што продолжуваат од минатата година, се потпишуваа договорите во средината на годината и почнува реализацијата во втората половина на годината, укажа вицепремиерот.
Од прегледот на капиталните инвестиции, како што рече, очекува нивно динамично реализирање во втората половина од годината и многу подобри бројки од минатата година. „Тесното грло”, како што оцени, е во планирањето на Буџетот.
Меѓу клучните проекти е планираното интенизивирање на работите на автопатот Кичево – Охрид, каде што изминатиот период имаше застој поради недостиг на финансиски средства. Кинеската Ексим банка минатата недела ги одобри побаруваните финансии од кредитот за кој државата аплицираше лани во ноември, откако беше утврдено дека се потребни дополнителни финансии за намдинување на пропустите.
– Ќе се интензивираат работите на патот, особено во делот од Врбјани до Охрид. Ќе гледаме половина од тој пат, кој е со должина од 60-тина километри, односно околу 30 километри да биде пуштен што е можно најбрзо, во период не подолг од една година, најави вицепремиерот Анѓушев.
Според министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, ресорот што го предводи бележи одлична реализација на капиталните инвестиции.
– Оваа 2019 година се собираат плодовите од затекнатите административни пречки од минатиот период. Заклучно со јуни реализираме 50 отсто од гасификацијата. Уште отсега со сигурност може да најавам 100 отсто исполнување на овој клучен проект. Изградбата на социјалните згради е со 100 отсто реализација, информира Сугарески.
Мораториумите и незаоружената регулатива ја забавија изградбата на станови
Во високоградбата во првите четири месеци од годинава има намалување на бројот на издадени одобренија за градење за 7,5 проценти и намалување на бројот на станови за 25,6 проценти во однос на истиот период минатата година.
Како што оценија стопанствениците, намалениот број на одобренија за градење кај високоградбата се должат на мораториумите за градење во општините Центар, Карпош и Охрид, бавните постапки во Аеродром, каде што се бележи минимално подобрување, законските прописи, но и немањето храброст кај инвеститорите за поголеми вложувања по лошите лански резултати во секторот.
– Лошата клима во градежништвото во 2018 година си ја зеде својата цена така што градежните компании сè помалку се охрабруваат да влезат во поголема инвестиција увидувајќи на колку пречки наидовме во 2018 година и од институциуинален и оперативен аспект. Се надеваме дека со побрзо завршување на мораториумите би се охрабриле и општинските работници и инвеститорите повторно да влезат во циклус на инвестиции, оцени Серафимовски.
– Доколку немаше мораториум, наша прогноза беше дека цените на добрите станови секаде ќе се зголемеа без оглед каде се наоѓаат. Сепак, со мораториумите за градба особено за становите во Скопје се изместија вредностите. Не знаеме што да очекуваме, ќе имаме прогноза кога ќе завршат мораториумите, рече Серафимовски.
Од Градежната комора при Сојузот на стопанските комори на истекот на првиот квартал годинава оценија дека во наредниот период може да се очекуваат повисоки цени на становите, поради постојаниот раст на трошоците за градежни материјали и за вработените.
– Ако сакаме, а мораме да градиме квалитетни станови, факт е дека цената ќе оди во нагорна линија, а колкав ќе биде процентот ќе покаже пазарот и тоа е реалноста, изјави Ивица Јаќимовски, претседател на Градежната комора при ССК.
Според него, постојаниот раст на трошоците за градежни материјали и за вработените во градежните компании го диктира и растот на цената на квалитетните станови и во следниот период нема да може да се понуди квалитетна градба по пониски цени.
Во периодот јануари – април годинава е предвидена изградба на 1.600 станови, а во истиот перод лани биле планирани 2.150.
Според Регистарот на цени и закупнини, во првиот квартал годинава се продени 687 станови, непродадени се 5.340, а во тек е градба на 11.322 станови. Бројот на празни станови, кој се движи меѓу 5.000 и 6.000, е непроменет во последните пет години, а варира кај новоизградените кои, како што оцени Серафимовски, се продаваат секогаш и се бара стан повеќе.
Анализите на Народната банка покажуваат дека цените на становите во периодот од април до јули годинава пораснале за 5,8 проценти во споредба со истиот период лани, а во однос на претходниот квартал од оваа година за шест проценти. Во претходното тримесечје, од јануари до март годинава, станбениот квадрат на годишно ниво поевтинил за 0,8, а на квартално поскапел за минимални 1,9 процент.
Според огласите за продажба, во Скопје становите и натаму се најскапи во Општина Центар и се движат од 1.100 до 1.200, а на одредени локации и до 1.500 евра. И во Карпош и Аеродром исто така квадрат од новоградбите се продава по околу 1.100 евра, додека во останатите скопски општини цените се пониски.
Компаниите бараат квалитетни и применливи закони
Од Здружението за градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали оценуваат дека од особено значење во следниот период е донесувањето квалитетни и применливи закони, кои ќе одговараат на деловниот амбиент и работењето на компаниите, како и нивна соодветна имплементација во практиката што е предуслов за реализација на најавената градежна експанзија.
Тие апелираат да не се одолговлекува донесувањето на Законот за урбанистичко и просторно планирање и предупредуваат дека тоа ќе влијае на градежната активност. На почетокот на месецов на седница на матичната собраниска Комисија за текстот на законот беа поднесени 250 амандмани, од кои 126 од СДСМ, а 109 од ВМРО-ДПМНЕ, а дел од пратениците побараа и повлекување на законот, кој го оценуваат како нејасен и двосмислен. Поради тоа беше заклучено да се формира работна група, која ќе работи на недостатоците и недореченостите на кои укажуваше и Асоцијацијата на архитекти, како и повеќе граѓански иницијативи.
Според министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, со новиот закон ќе се стави ред во планирањето и узурпирањето на градежното земјиште.
– Во законот првпат дефинираме рокови за завршување на постапката за донесување планови. Се воведува член за супендирање план со рок не подолг од една година, за кој период донесувачот треба на планот да донесе нов план. Го зајакнуваме инспекцискиот надзор и надлежностите на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам со воведување регионални урбанистички инспектори, вели министерот Сугарески.
Наспроти барањата на дел од пратениците и асоцијациите, според Здружението за градежништво, Министерството за транспорт и врски не треба да дозволи промени во текстот на новиот Закон. Оценуваат дека институциите и партиите себично и еднострано го гледаат текстот на законот, не реагирале кога се подготвувал и оти сега преку амандмани сакаат да менуваат делови со што ќе се нарушела постигнатата рамнотежа.
За градежниците, како што велат, е значајно што побргу да се донесат подзаконски акти за Законот за јавни набавки, донесен во април годинава. Тие бараат институциите да се охрабрат да ги исфрлат критериумите за најниска цена и електронско наддавање што сега е како опција во новиот Закон за јавни набавки.
– Јавното претпријатие за државни патишта веќе почна да објавува тендери со критериуми каде што најниската цена не е главен критериум. Се надеваме дека и другите институции што имаат план за реализација на расходи во капитални објекти, како Град Скопје или други поголеми општини, ќе најдат храброст, ќе ги осмислат критериумите да бидат праведни и еднакви за сите и дека најниската цена ќе ја исфрлат. Во моментов, освен ЈПДП, другите институции на ниво на град Скопје особено се водат сè уште по најниска цена, укажува Серафимовски.
Статистичките податоци покажуваат дека во првите четири месеци годинава се издадени 977 одобренија за градење, за 18,3 проценти повеќе во однос на истиот период лани кога имало 826. Кај високоградбата има намалување за 7,5 проценти, а кај нискоградбата за 28 проценти. Предвидената вредност на објектите изнесува 13,6 милиони денари и бележи пораст од 7,9 проценти во однос на истиот период лани. Вредноста на објектите кај високоградбата е намалена за 29 проценти, а кај нискоградбата е зголемена за 19 проценти. Номиналната вредност на вкупно договорените работи од јануари до април годинава изнесува 46,8 милиони денари, односно раст за 34,34 проценти. Кај извршените работи во првите четири месеци годинава во однос на истиот период лани има раст од 7,2 процента, со пад од 5,6 отсто кај високоградба и раст од 21,2 проценти кај нискоградбата.
Во мај годинава се издадени 222 одобренија за градење, што е на исто ниво во однос на мај лани, а од вкупниот број одобренија, 135 (60,8 проценти) се наменети за објекти од високоградба, 37 (16,7 проценти) за нискоградба и 50 (22,5 проценти) за објекти за реконструкција. Предвидена е изградба на 463 станови, со вкупна корисна површина од 39.499 квадратни метри. Гледано по регион, во Скопскиот се планирани 211 станови, најмногу во Општина Ѓорче Петров (128), по што следат Гази Баба со 35 и Аеродром со 31. Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 3.983.177.000 денари, што е за 12,9 проценти повеќе во однос на истиот месец од претходната година.
Вкупната вредност на договорени градежни работи во странство во првото тримесечје на 2019 година во однос на првото тримесечје лани бележи пораст од 415,3 проценти, што се должи на склучувањето нови договори за реализација на капитални проекти во странство. Како што информираа од Здружението, сепак мал број компании моментно се присутни на странскиот пазар, претежно во Босна и Херцеговина, поради што има простор во консултација и со надлежните институции да се размислува за изнаоѓање механизми за враќање на домашните компании на странскиот пазар.
Учеството на градежништвото во структурата на БДП по трајни цени во првиот квартал годинава изнесува 4,9 проценти. Според последните статистички податоци, во 2018 година вкупниот број на активни градежни компании изнесувал 4.938 или 6,8 проценти од вкупниот број на активни деловни субјекти во државата.
Во 2018 година од вкупно вработените 759.054 лица, во градежништвото биле вработени 56.263 лица или 7,41 процент од вкупно вработените.
МИА