Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) денеска ги повикаа претседателот и членовите на собраниската Комисија за избори и именување да го почнат процесот за избор на членови на Советот на медиумскиот регулатор и Програмскиот совет на Македонската радиотелевизија.
Конкурсот беше отворен во јануари годинава, а одлуката за избор на членовите на двете тела требаше да се случи веднаш по претседателските избори.
БИРН веќе објави дека десетина познати новинари и медиумски работници, неколку професори и двајца поранешни лустратори се дел од вкупно 28 лица што се пријавиле на конкурсот за седумте места во новиот состав на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Од новинарската фела, кандидати се поранешниот претседател на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани, уредничката на телевизија Телма, Сања Васиќ, новинарот Љубиша Николовски, уредникот на радиоемисијата Стадион на Канал 77 радио, Стојанче Наумов – Столе, како и уредникот на Алфа ТВ, Љупчо Цветановски, некогашниот директор на ТВ Канал 5+ и претседател на поранешното еснафското здружение на национални телевизии АПЕММ, Виктор Грозданов, како и сопственикот на порталот „Фактор“, Александар Манев, и актуелниот член на Советот на АМВУ, новинарот Зоран Фиданоски.
Кандидати се и медиумските експерти Климе Бабунски, Снежана Трпевска и Сефер Тахири.
За програмскиот совет на МРТ, според БИРН, има 19 претенденти за 13 места.
Меѓу нив се и уредникот на порталот „Сакам да кажам“ и основач на весникот „Вест“, Горан Михајловски, новинарката и поранешна дописничка за „Франс прес“ од државава, Јасмина Миронски, и новинарот Веле Митаноски. Меѓу кандидатите е и историчарот на уметноста, Златко Теодосиевски, кој во деведесеттите години беше и заменик-министер за култура.
ЗНМ, СЕММ, ССНМ и МИМ во заедничко соопштение наведуваат дека се сериозно загрижени поради целосниот застој на постапката за избор на членовите. Истакнуваат дека секое попречување или одолговлекување на процесот сериозно ќе влијае врз спроведувањето на процесот на медиумски реформи во државата.
„Укажуваме дека Владата, Парламентот, но и сите политички чинители имаат одговорност сериозно да пристапат кон овој процес и да се стават над партиските интереси за да се спречат понатамошни штети во медиумскиот сектор“, стои во соопштението.
Од изборот на членовите во овие тела, посочуваат, директно зависат долгоочекуваните системски промени во медиумската сфера, што треба да овозможат медиумите да работат независно и професионално.
„Потсетуваме дека медиумските реформи се од клучно значење за евроинтегративните процеси на државата, што се нотира и во последниот извештај на Европската комисија во којшто се вели дека „државата треба да направи напор за да се подобри независноста и професионалните стандарди на јавниот радиодифузен сервис и неговата финансиска независност“. Од друга страна се очекува транспарентен и правичен избор на членовите на двете тела врз основа на нивната стручност“, се вели во соопштението.
Превземено од МАКФАКС.