Заев за Јанакиески: Притворот да се користи како крајна мерка но нема да правам интервенција во судството – ММС
ММС

Објавено на: 07/9/19 12:45 PM

Заев за Јанакиески: Притворот да се користи како крајна мерка но нема да правам интервенција во судството

„Јас бев еден од луѓето кои се бореа против режим  и нема да направам ништо што значи интервенција во судството“, одговори премиерот Зоран Заев на новинарско прашање кое се однесуваше на штрајкот со глас на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакисеки за кој како што посочи новинарот нема докажан криминал, а повеќе од една година е во затвор.

„Но ќе го споделам тоа што го чувстувам и секој пат сум го кажувал. Отворено апелирам, притворот да се користи како крајна мерка, така е предвидено во нашиот закон, праксата е многу лоша, знаеме од кога е почната и како е почната. Жалам што се користи притворот затоа што има други механизми на обезбедување на осомничено ии обвинето лице. Немам намера да интервенирам, првиот момент кога ќе интервенирам сме уништиле се во државата“, вели Заев.

Заев потенцираше дека со Миле Јанакисеки имал одлична соработка во времето кога тој беше градоначалник на општина Струмица, и вели за него никој не е виновен додека не му се докаже вината и тоа со конечна правосилна пресуда.

„И затоа велам дека не треба да се служи казна за некој кој не е правосилно осуден, така што и притворот не смее да биде казна. Господинот Миле  Јанакиески има три деца, како што јас имам две, и тоа како не ми е сеедно. Но во исто време тоа не ми дава за право да го менувам правниот систем, да влијаам во правниот систем и да правам притисок. Можеби со инвентивноста на вашето прашање ќе помогнете некако, или пак јас со мојот одговор, но до тука е црвената линија“, рече Заев.

Веќе единаесетти ден по ред, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, штрајкува со глад во истражното оделение во „Шутка“ каде што се наоѓа во притвор.