Руските комичари Владимир Кузнецов – Вован и Алексеј Столјаров – Лексус станаа познати во глобални рамки преку аудио снимките од телефонски разговори со познати личности, пред се политичари, на кои им се јавувале претставувајќи се како шефови на држави или влади и први луѓе на меѓународни организации.
На „местенките” на Вован и Лексус, чија жртва стана и премиерот Зоран Заев, наседнаа и повеќемина светски лидери, меѓу кои и претседателите на Франција, Турција и Црна Гора, Емануел Макрон, Реџеп Тајип Ердоган и Мило Ѓукановиќ, косовскиот и црногорскиот премиер Рамуш Харадинај и Душко Марковиќ, венецуелскиот опозициски лидер Хуан Гуаидо, калифорнискиот гувернер Едмунд Џералд Браун, донеодамнешната американска амбасадорка во ОН, Ники Хејли, секретарот за енергија на САД, Рик Пери, првиот човек на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини…, а последен во низата е претседателот на македонската Влада, Зоран Заев.
При наместените разговори, Вован и Лексус на своите соговорници им се претставувале како да се некои други лидери. Така во разговорите со Макрон, тие се претставиле како новиот украински претседател Володомир Зеленски. Во 15-минутната снимка од разговорот, Макрон му честита на „Зеленски” за победата на изборите, а овој одговара дека „се чувствува како рускиот претседател Владимир Путин”, алудирајќи на освоените над 73 проценти од гласовите на претседателските избори. Елисејската палата одби да ја коментира снимката, нагласувајќи дека „не сака ниту да ја потврди, ниту да ја демантира автентичноста”.
На Ердоган, Вован и Лексус му се јавиле претставувајќи се како поранешниот украински претседател Петро Порошенко и екс-премиерот на Украина, Арсениј Јацењук, при што „му предлагаат” на шефот на турската држава „Украина и Турција да се обединат против Русија”. Снимката од наместениот разговор ја објави руската државна телевизија РТ, но Администрацијата на Ердоган ја негираше нејзината веродостојност. – Сметам дека тоа е лага, бидејќи за вакви разговори се користат специјални канали и посебни процедури, изјави тогаш извор од Кабинетот на Ердоган.
Руските пранкери го искористеле „Порошенко” и при разговор со Хардинај, ветувајќи му „признавање на независноста на Косово од страна на Украина”, во замена за негова јавна поддршка на шефот на украинската држава на неодамнешните претседателски избори.
„Порошенко”, овој пат во двојка со актуелниот украински премиер Володимир Гројсман, Вован и Лексус го искористиле и при повикот до црногорските челници Ѓукановиќ и Маровиќ, со кои разговарале за членството во НАТО и за проблемите со „проруската опозиција” во Црна Гора.
Кога го повикале Гуаидо, кого најголемиот дел западни земји го признаваат како легитимен претседател на Венецуела, руските пранкери се претставиле како швајцарскиот претседател Ули Мауер, ветувајќи му на венецуелскиот политичар блокирање на сметките на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро во банките во Швајцарија и префрлање на правото на користење на овие средства на него.
Вован и Лексус во текот на аферата околу труењето на рускиот двоен агент Сергеј Скрипал во Велика Британија, му се јавиле и на првиот човек на Организацијата за забрана на хемиското оружје, Ахмет Узумчу, со кого „разговарале за случајот”.
„Порошенко” е искористен и во разговорот со премиерот Заев, каде „поранешниот украински претседател” вели дека украински научници откриле дека тој има „гeнeтcкa врска” со Александар Македонски.
Во разговорот каде Вован и Лексус се претставуваат како Порошенко и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, гласот за кој се тврди дека му припаѓа на премиерот Заев вели дека е „загрижен и уплашен” од можноста за промена на границите и размена на територии меѓу Србија и Косово, бидејќи тоа може „да ја отвори Пандорината кутија” на Балканот.
„Порошенко” во разговорот вели и дека на вселенскиот патријарх Вартоломеј му платил „повеќе 150.000 евра” во кeш за добивање на томос за автокефалност на Украинската православна црква и „го советува” македонскиот премиер да го стори истото во случајот со МПЦ.
Шега или сериозна политичка местенка на „непожелните луѓе” за Кремљ
Иако, Вован и Лексус тврдат дека нивните повици се обичен „пранк” – шега, местенка од забавен карактер, сепак многумина аналитичари оценуваат дека не станува збор за наивна шега, туку за сериозно осмислена стратегија произлезена од лабораторијата на Кремљ.
Аналитичарите сметаат дека е невозможно руските „пранкери” да стапуваат во телефонски во контакт со светските лидери, без значителна поддршка од руските безбедносни служби, додавајќи дека не е лесно са му се јавите на телефон на некој шеф на држава.
Но, Вован и Лексус ја негираат својата поврзаност со Кремљ или руските служби, тврдејќи дека во остварувањето на разговорите „им помагаат мрежа од волонтери” и дека тоа го прават преку мобилни телефони.
– Не ни вршат никаква проверка, навистина е лесно да се дојде до нив (лидерите), изјави Вован за „Гардијан”.
Тие тврдат дека во нивните шеги нема никаква политичка агенда, потенцирајќи дека нивни жртви не биле само политичари, туку и фудбалери, пејачи, телевизиски презентери и други аполитични личности.
Но, сепак, не може да се побегне од фактот дека најголем број од жртвите се политичари и дека нивните активности се блиски со целите на Кремљ или при повиците се трудат да добијат информации кои би можеле да и бидат корисни на Москва.
На забелешката дека нивни жртви никогаш не биле руските лидери, пред се Путин, тие велат дека „не е лесно да се стапи во контакт” со претседателот на Русија, бидејќи за разлика од повеќето други светски лидери, тој „не користи личен мобилен телефон” и телефонските разговори „ги води преку официјалните канали за врска”.
Вован и Лексус сепак признаваат дека имаат „самоцензура” кога станува збор за Русија. – Не сакаме да се шегуваме со Путин. Не сакаме да и наштетиме на нашата земја. Не сакаме немири тука. Не сакаме да направиме нешто што би им помогнало на непријателите на Русија, велат тие.
Правниот и психолошкиот аспект на пранкот
Во татковината на Вован и Лаксус, Русија пранкот во Кривичниот законик се поистоветува со навредување и вознемирување на граѓаните, што се смета за полесно кривично дело од хулиганството.
Руските правни експерти тврдат дека прибирањето докази за докажување на ваквите дела е многу тешко, па по правило не е можно казнување на сторителите на ваквите прекршоци под обвинение за злоставување.
Во европските законодавства ваквите постапки се третираат како кршење на законот и форма на терор, па сторителите се изложени на кривично гонење и за нив се предвидени строги казни.
Од друга страна и психолозите имаат свое објаснување за лицата што се решаваат на ваков тип на шеги. Според нив, пранкерите во основа се „нецелосни личности”.
Психолозите сметаат дека овие лица имаат недостиг на љубов од другите и не се сериозно сфатени од нивното опкружување, па преку пранковите се трудат да го потиснат својот комплекс на инфериорност и несигурност.
МИА