УСАИД со нова програма за медиумите за борба против руските дезинформации – ММС
ММС

Објавено на: 07/8/19 1:24 PM

УСАИД со нова програма за медиумите за борба против руските дезинформации

Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД) во соработка со 11 независни и авторитетни медиуми од Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора, промовира програма насловена „Спротивставување на злонамерното влијание на Кремљ”. Програмата ја промовираше извршниот директор на УСАИД, Марк Грин во рамките на најновите мерки за борба против „пропагандата и штетните активности на Русија” – јави дописникот на Македонската информативна агенција од Вашингтон.

Програмата е дизајнирана за помош на поблиските и подалечни соседи на Русија во намалување на енергетската и економската зависност од Москва, борба против руските дезинформации и пропаганда и запирање на кибер нападите.Според Грин, Кремљ издвојува над 300 милиони долари годишно за телевизијата РТ и информативниот портал „Спутњик”, кои објавуваат содржини на глобално ниво на повеќе светски јазици, во рамки на „внимателно планирана стратегија за поткопување на западните демократските вредности”.

„И во Европа и во Азија, целите од кои се води Кремљ се очигледни. Москва дејствува неумоливо, поткопувајќи ја економската либерализација, во обид да го запре демократскиот развој и да го ослаби суверенитетот на некои држави“, посочи директорот на УСАИД.

Програмата на УСАИД првенство се занимава со економски мерки за намалување на „историската зависност” од руските нафта и гас. Една од клучните точки е помош во тоа земјите партнери да се приклучат во успешно функционалните локални и регионални енергетски пазари.

Со такви активности УСАИД веќе се занимава во Украина и Молдавија. Украина на пример работи на тоа да се приклучи на енергетските системи од Централна Европа. Благодарение на помошта од САД, извозот на Молдавија се пренасочува од Русија кон ЕУ, при што во моментов повеќе од 70 отсто од извозот на молдавски производи се реализира во ЕУ, а само 16 отсто во Русија.

Од друга страна, помошта на УСАИД е и политичка, при што во координација со граѓанските организации и активисти се иницираат проекти за борба против корупцијата.

„Предлагаме инструменти за реформаторските лидери и граѓанските здруженија во справување со владините коруптивни практики кои често се злоупотребуваат од агентите на Кремљ во интерес на Москва“, појаснуваат од УСАИД.

Агенцијата издвои 2,5 милиони долари помош за опрема користена за одбрана од кибер напади за време на претседателските избори во Украина, каде претходно Москва се обидуваше да влијае со хакерски напади.

„Единаесет независни и авторитетни медиуми од Северна Македонија, Косово, Црна Гора, Босна и Србија ги зголемуваат своите кориснички бази, ги диверзификуваат изворите на финансирање и го подобруваат своето присуство во дигиталните медиуми за борба против дезинформациите“, посочи извршниот директор на Агенцијата.