Кириакос Мицотакис утре ја презема функцијата премиер на Грција – ММС
ММС

Објавено на: 07/7/19 9:17 PM

Кириакос Мицотакис утре ја презема функцијата премиер на Грција

Десничарската опозиција Нова демократија официјално победи на предвремените парламентарни избори во Грција и доби апсолутно мнозинство во Парлементот. Со тоа досегашната опозициска партија доби можност сама да формира влада.
Нејзинот лидер Кириакос Мицотакис е новиот грчки премиер, кој утре во 13 часот ќе положи заклетва, по што почнува да тече рокот од 72 часа за составување на новата влада.
Премиерот и лидер на владејачката СИРИЗА Алексис Ципрас, ја честита победата на Нова демократија и го призна поразот.
Грчкиот министер за финансии Евклид Цакалотос за државната телевизија ЕРТ, изјави дека ова е голема победа за Нова Демократија.
-Луѓето веруваат во нивната програма, иако не е јасно зошто, рече Цакалатос.
Нова демократија освои 39,8 отсто од гласовите, додека СИРИЗА – 31,8 отсто. Националистичката Златна зора нема да има свој пратеник, бидејќи не успеа да го помине прагот од 3% од гласовите. Свои претставници во парламентот ќе има и партијата на некогашниот министер за финасии во владата на Ципрас, Јанис Варуфакис.
Ова се шестите парламентарни избори во Грција по глобалната финансиска криза од 2008 година.
Кризата предизвика бројни финансиски проблеми, откако грчката економија се намали за 28% меѓу 2008 и 2016 г ., порасна невработеноста, поради што многу Грци во се најдоа на границата на сиромаштија.
Грција излезе од програмата за спасување во август минатата година.