Откако стана првиот клуб, кој преку проект ќе ја постави првата планинарска трансверзала во Брегалничкиот регион, Планинарскиот спортски клуб „Голак“ од Делчево, наскоро ќе ја постави и првата планинарска патека на планината Огражден од страната на Општина Берово. Патеката ќе биде во вкупна должина од 10 километри во еден правец, а како што информираше претседателот на ПСК „Голак“, Љупчо Чучуковски, истата ќе биде маркирана по Књефелцовата маркација.
– Почетната точка на оваа патека ќе биде во центарот на село Двориште, кое се наоѓа на 900 метри надморска висина, а крајна точка ќе биде врвот Огражденец на 1746 метри надморска висина на планината Огражден. Во рамки на маркацијата предвидено е да бидат поставени планинарски патокази како и информативни табли со сите потребни податоци, истакна Чучуковски.
Додава, дека на оваа патека ќе се надоврзе планинарска патека од струмичка страна, со тоа што ќе биде направена една комплетна трансверзала.
Во рамки на реализацијата на овој проект, Чучуковски заедно со уште двајца членови на клубот од огранокот во Берово, ја поминаа патеката и ја мапираа со ГПС „Гармин”, со што направија проценка, каде треба да бидат поставени патоказите како и каде да се маркира патеката.
МИА