СДСМ преку соопштение денес ја коментира објавата на ФБ на поранешниот премиер, сега во бегство, Никола Груевски.
,,Се јави криминалецот во бегство Никола Груевски кој го украде половина автопат Миладиновци – Штип, бидејќи додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт автопатот не беше завршен ниту 50 отсто.
Единствениот успех на осудениот криминалец Груевски во инфраструктурата се милиониските провизии што ги договараа со неговата десна рака Миле Јанакиески.
Заради криминалните интереси на фамилијата, заради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ оставени беа бројни пропусти кои ги чинеа граѓаните дополнителни стотици милиони евра.
Со надминување на пропустите конечно се изгради автопатот Миладиновци – Штип, а автопатот на провизиите Кичево – Охрид, забрзано се гради.
Криминалецот Груевски нека не се грижи за одржувањето на патиштата, единствениот пат по кој ќе оди кога ќе се врати е патот што води до најблиската казнено-поправна установа, каде го чека неговото столче во ќелија,се вели во соопштението на СДСМ.
Поранешниот премиер Никола Груевски со статус на Фејсбук го искоментира пуштањето во употреба на автопатот Миладиновци-Штип.
Груевски објаснува дека се радува оти оваа „главна артерија“ за источна Македонија се заврши и тоа 85-90 проценти додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт.
,,Овие лоповите од власта, нека се потрудат барем да го одржуваат како што треба. Немој кога ќе се вратам да го видам упропастен“, вели Груевски во објавата.