Дванаесеттиот Викенд медиа фестивал ќе обедини во Ровињ над 150 предавачи: Меѓу нив и бизнисменот, Жан Клод Бивер – ММС
ММС

Објавено на: 07/3/19 2:16 PM

Дванаесеттиот Викенд медиа фестивал ќе обедини во Ровињ над 150 предавачи: Меѓу нив и бизнисменот, Жан Клод Бивер

Викенд медиа фестивалот и во своето дванаесетто издание, кое ќе се одржува од 19 до 22 септември во Ровињ, ќе ги собере на едно место најрелевантните експерти од областа на комуникациската индустрија.

На предавањата, панел дискусиите и работилниците ќе се актуелизираат бројни теми – од влијанието на технологијата до иселувањето од земјите во регионот. Организаторите најавија дека тема на дебата ќе бидат и промените во новинарството.

Во Ровињ доаѓа и еден од најзначајните бизнисмени во индустријата на луксузните брендови, Жан Клод Бивер. Тој ќе одржи предавање во рамките на Weekend Masterclass во престижниот Гранд Парк Хотел во Ровињ. Бивер, кој важи за голем познавач на трендовите во областа на маркетингот ќе зборува за тоа како еден луксузен бренд може да биде во фокусот на соработката со познатите личности.

Годишнава програма на Викенд медиа фестивалот вбројува повеќе од 150 предавачи и панелисти.

Директорот на Фестивалот, Tомо Рицов е уверен дека панелот кој ќе „крене голема прашина“ ќе биде „Како да ги преживеете сексот, лагите и недвижностите“. Овој панел ќе се занимава со политичките комуникациски промашувања за кои како што велат организаторите, секојдневно сведочиме. Бидејќи Хрватска се соочува со масовно иселување, еден од панелите е насловен „Зошто луѓето заминуваат и можат ли бизнисите да го преживеат тоа“. Целта на овој настан е да се донесат заклучоци во врска со тоа може ли бизнисот да се прилагоди на новонастанатата ситуација и што тоа значи за целокупниот пазар.

Еден од панелите носи наслов „Новинарството и социјалните мрежи“, каде ќе се дискутира за тоа како новинарството се промени под притисок на социјалните мрежи и инстант вестите.

Како особено интересен настан, организаторите ја најавуваат работилницата „Ед Ширан vs. Петар Грашо“. Идејата е на оваа работилница да има тројца професионалци од областа на радиото кои ќе создадат радиски формат заснован на резултатите од брз музички тест кој ќе се спроведува меѓу присутните во публиката. Тие ќе одговараат на одредени прашања, меѓу кои – дали мора песните од Ед Ширан да се емитуваат на неколку часа секојдневно на радио станиците и на кој начин домашната музика е вметната во програмата на радио станиците.

Во рамките на Викенд медиа фестивалот по седми пат ќе биде доделена наградата СоМо Борач за најдобар дигитален проект во регионот. Досега за оваа награда, вкупно пристигнале 765 пријави, прогласени се 54 победници, а за наградите одлучувале 122 членови на жирито, додека пак наградувањето го посетиле над 2000 посетители.