Лозарите бараат загарантирана цена за грозјето – ММС
ММС

Објавено на: 07/3/19 12:56 PM

Лозарите бараат загарантирана цена за грозјето

Во пресрет на новиот гроздобер кој носи многу неизвесност за производителите на грозје,  лозарите преку своето здружение „Напредни лозари“ денеска понудија предлози кои бараат да бидат составен дел од законот за вино. Сметаат дека грозјето мора да стане стратешки производ со заштитена цена која ќе биде позната најкасно до месец јуни.  Овие предлози веќе се испратени до МЗШВ, а доколку станат составен дел, од „Напредни лозари“ сметаат дека ќе се обезбеди сигурност за околу 200 илјади лозари во земјава.

„Предлагаме откупувачите на грозје да имаат финансиска гаранција за исплата на откупениот род. Рокот за исплата да биде заклучно до 31 декември, а откупната цена за грозјето по сорти да се објави најкасно до јуни месец во тековната година. Откупот да се врши по шеќерни единици, а технолошката зрелост на секоја сорта на грозје да ја одредува Земјоделскиот факултет, а не самите винарии“ вели секретарот на здружението Зоран Пешков.

Исто така се бара средба и со новиот министер за земјоделство, Трајан Димковски, заеднички да се разгледа предложеното.

„Со претходниот министер имавме добра соработка, се надеваме дека таа соработка ќе продолжи и ќе биде и подобра со новиот министер“ се наведува меѓу другото до дописот испратен во МЗШВ.

 

Ангел Данов