Со проекција на документарен филм во струшкото село Лабуништа денеска почнува 10. патувачко кино „МакеДокс”.
Традиционално и годинава екипата на „МакеДокс” е сместена во струшкото село Радожда, а оттаму ќе посети неколку села од двете страни на македонско-албанската граница. Според програмата, предвидени се седум проекции на документарни филмови, четири на македонски и три албански во селата Бучимас (3 јули), Вишни (5 јули), Драслајца (6 јули), Пустец (7 јули), Луково (10 јули) и Лин (11 јули).
Покрај проекциите, паралелно населените места ќе ги посети и патувачката библиотека со книги собрани со донаторска акција, коишто на крајот ќе бидат донирани на Основното училиште во Радожда.
Според најавата, од 5 до 11 јули ќе се одвиваат сесиите на третата генерација „Докуникулци”, кои оваа година ќе работат во формат на камп за креативен документарен филм, а по прв пат и оваа платформа е поставена регионално со учество на млади од 15 до 18 години од нашата земја, но и од Србија и Албанија. Партнери на „МакеДокс” во овој проект се Академијата за филм и мултимедија „Маруби” од Тирана, Албанија и Филмскиот фестивал „Слободна зона” од Белград, Србија.
Патувачкото кино „МакеДокс” се реализира со поддршка од Агенција за филм, Амбасадата на Германија и Western Balkans Fund.
МИА