Во текот на месец јуни, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани технички производи, медицински стерилизатор, лекови, облека, девизи, парфеми и друго.
Привремено се задржани:
– 9.500 евра, откриени при личен претрес на македонски државјанин, кој управувајќи македонски автомобил, се пријавил за влез во државата на граничниот премин Богородица. На прашање на царинските службеници, возачот изјавил дека со себе носи 5.000 евра, но при извршениот личен претрес, во преден џеб од неговите панталони, биле пронајдени 19.500 евра, за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во државата, а за сторениот девизен прекршок ќе биде поведена прекршочна постапка.
– 1 медицински стерилизатор MEGA TERM M-160, откриен при контрола на српски автомобил, управуван од српски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавениот апарат, пронајден во багажникот на возилото, е привремено задржан, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
– 30 шишиња по 240 ml сируп Sipraktin и 100 таблети Dekort од 0,5 mg, откриени при контрола на македонски автомобил, со кој за влез во државата, на граничниот премин Јажинце, се пријавиле двајца македонски државјани. Непријавените лекови, пронајдени под возачкото и совозачкото седиште и на подот пред задните седишта покриени со јакна, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
Облека и очила
На граничен премин Табановце во два одвоени случаи запленети се 369 парчиња облека и 4 женски ташни и тоа:
– 244 парчиња машка и женска облека (чорапи, маици, долна облека, бермуди, фармерки, панталони, блузи и јакни), откриени при контрола на македонски автомобил, со кој за влез во државата се пријавиле двајца македонски државјани. Непријавените производи, пронајдени во две најлонски кеси сместени во багажникот и две најлонски кеси сместени позади предните седишта на возилото, се привремено задржани, а против возачот, кој се пријавил како сопственик на производите, ќе биде поведена прекршочна постапка.
– 125 парчиња женска облека (палта, блузи, фустани, маици, кошули, елеци, мантили, тренерки и друго) и 4 женски ташни, откриени при контрола на македонски автобус, кој сообраќал на редовна линија Фрајбург – Битола, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата. Непријавените производи, пронајдени во четири најлонски вреќи сместени во просторот наменет за алат, се привремено задржани, а против возачот, кој се пријавил како сопственик на производите, ќе биде поведена соодветна постапка.
На граничниот премин Богородица во три одвоени случаи, откриени се 276 парчиња женска облека и 285 машки ремени и тоа:
– 57 парчиња женска облека (здолништа, блузи и фустани), откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата. Непријавените производи, пронајдени во две најлонски кеси сместени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
– 98 парчиња женска облека (фустани, блузи, панталони и здолништа), откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата. Непријавените производи, пронајдени во три патнички торби сместени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
– 121 парче женска облека (фустани, блузи и здолништа) и 285 парчиња машки ремени, откриени при контрола на македонско комбе, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата, на граничниот премин Богородица. Непријавената облека била пронајдена во четири најлонски ќесиња сместени под средишното и задното седиште, додека непријавените ремени биле пронајдени во просторот за алат и прва помош на левата и десната страна од багажниот простор на комбето. Истите се привремено задржани, а против еден од сопатниците, кој ја презел одговорноста за непријавената стока, ќе биде поведена соодветна постапка.
На граничниот премин Блаце, откриени се 103 парчиња облека (блузи, панталони и здолништа), откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата. Непријавените производи, пронајдени во три најлонски кеси сместени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
На граничниот премин Деве Баир, запленети се 634 пара очила и рамки за очила марка INVU (детски очила, очила за сонце и рамки за очила), откриени при контрола на бугарски автомобил управуван од бугарски државјанин, пријавен за влез во државата. Непријавените производи, пронајдени во патнички торби сместени во багажниот простор на автомобилот, се привремено задржани, а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
– 48 парфеми од 30 ml, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонско патничко комбе, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените парфеми, пронајдени во две кутии сместени под задното седиште на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
– 23 парфеми LEYA & LENORA 50 ml, откриени на Интернационалниот Аеродром Скопје, при контрола на патната торба на македонски државјанин кој допатувал со лет од Ајндховен. Непријавените парфеми се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.
Алкохолни пијалоци и гуми за џвакање
– 52 литри алкохолни пијалоци (Uzo Tsantali, Rubinov Vinjak и ликер Gorki list), откриени при контрола на македонски автомобил управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. На прашање на царинските службеници, возачот изјавил дека носи мала количина пиво и сокови, но при извршениот детален преглед, под предните седишта, под задното седиште и во фабричка преграда над предните седишта, биле пронајдени 24 литри узо, 22 литри вињак и 6 литри ликер. Непријавените алкохолни пијалоци се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
– 2.340 пакувања со по 10 гуми за џвакање, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените гуми за џвакање, пронајдени во делот наменет за резервна гума во багажниот простор на автомобилот, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.
Техничка стока
– 39 расветни лед уреди (светилки, неонки, рефлектори, трансформатори и друго), откриени при контрола на бугарски камион управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран. Непријавените производи, пронајдени во просторот за палети, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.
– 14 парчиња разни производи (шпорет, грејна плоча за шпорет, кујнски аспиратор, моторна пила, трамболина и гранитни плочи за скали), откриени при контрола на стока со потекло од Италија, наменета за увозник од Струга, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Струга. Производите, кои не биле опфатени со царинската декларација, се привремено задржани, а против фирмата увозник и одговорното лице во фирмата ќе биде поведена соодветна постапка.
– 6 звучници марка MAGNAT PRO PA, откриени при контрола на македонско патничко комбе, со кое за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат, се пријавиле двајца македонски државјани. На прашање на царинските службеници, возачот пријавил дека враќа стока која претходно е изнесена со АТА карнет, поради што бил упатен во царинските простории на граничниот премин, да го раздолжи АТА карнетот. По неколку минути возачот се вратил со образложение дека не го нашол водичот на смена. Поради сомневање во неговиот исказ, извршен е преглед на АТА карнетот при што било утврдено дека истиот не бил евидентиран при излез од државата, додека при извршениот детален преглед на возилото, позади предните седишта и во багажникот, биле пронајдени непријавените звучници, кои воопшто не одговарале на производите наведени во АТА карнетот.
Звучниците биле привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
Друго
– 1 гумен чамец, 1 монитор, и 100 заштитни футроли за очила, откриени во два одвоени случаи, при контрола на еден автобус и еден камион, пријавени за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат.
Во првиот случај, во кабината на македонски камион, управуван од македонски државјанин, биле пронајдени еден гумен чамец, марка Caspien pro hydro-Force, и еден монитор ACER model nr. T232HL. Непријавените производи се привремено задржани, а против возачот, ќе биде поведена соодветна постапка.
Во вториот случај, во една картонска кутија сместена просторот за алат на македонски автобус, кој сообраќал на редовна линија Хамбург – Охрид, биле пронајдени 100 заштитни футроли за очила, марка Rudy project, за кои возачот, македонски државјани, изјавил дека ги носи како пратка. Непријавените производи се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
– 1 парче оптички нишан за пушка марка SWAROVSKI OPTIK, откриен на Интернационалниот Аеродром Скопје, при детална контрола со користење статичен скенер на багажот на македонски државјанин, кој допатувал со лет од Истанбул. Непријавениот оптички нишан, пронајден во куфер со црна боја, е привремено задржан, а против патникот е поведена прекршочна постапка.
– 41 парче делови за транспортни ленти за прехрамбена индустрија (пластични ваљаци за транспортни ленти, држачи со осовина за ваљаци, стеги за ваљаци и пластични држачи за ваљаци), откриени при контрола на бугарски камион, управуван од бугарски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Ново Село. Непријавените делови биле пронајдени во кутија сместена пред совозачкото седиште во возачката кабина на камионот и истите се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
– 2 парчиња (1 ново и 1 употребувано) вискозитентни спојки (делови од уредот за ладење на камионски мотор), откриени при контрола на албански камион, управуван од албански државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран. Непријавените делови биле пронајдени во левиот дел од просторот за палети на полуприколката и истите се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост
– 5.976 несесери, ранци, пластични торби и капи и 319 сетови со несесери, со лого на заштитени трговски марки, откриени од страна на мобилните царински тимови во соработка со инспектори од Одделението за истраги, при контрола на стока со потекло од Кина, наменета за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Куманово. Поради сомневање дека се работи за производи кои повредуваат права од интелектуална сопственост, истите се привремено задржани, и согласно законските прописи ќе биде поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност.
– 450 парчиња пластични капачиња и пластични налепници за автомобили и 2 парчиња кожни ремени со ознаки на заштитени трговски марки, откриени во два одвоени случаи, при контроли на брзи пратки од Хонг Конг, Кина, наменети за физички лица од Скопје и Струга, извршени на царинската испостава Аеродром Скопје – отсек за стоково царинење. Поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост, производите се привремено задржани, и согласно законските одредби ќе биде поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност.
Мигранти
– 9 мигранти од Авганистан, откриени при контрола на стока наменета за Косово, транспортирана со косовски камион управуван од албански државјанин, кој бил пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Лицата и возилото се предадени на надлежните органи од Министерството за внатрешни работи, кои го преземаа случајот во своја надлежност.
Царинска управа