Успешно е спроведен пробниот попис на населението, домаќинствата и становите во Прилеп и во Долнени во сите, вкупно четири пописни круга, информира Мира Илиевска, инструктор од Државниот завод за статистика. Попишани се околу 400 домаќинства во двете општини. Пробниот попис заврши во двата пописни круга во Прилеп и во едниот во Долнени, во селото Лажани, а утре ќе заврши и пописот во последниот пописен круг во населеното место Црнилиште Долнени.
Според Илиевска, една од најважните статистички операции протекна без проблеми, а ситемот не покажа никакви слабости или недостатоци и е исполнета целта за проверка на техничките можности и активностите на теренот.
– Пробниот попис протекна без проблеми. Апликацијата, системот и работите на теренот протекнаа без застој. Луѓето беа пресретливи, а со внесувањето на личните податоци во апликацијата, матичниот број, ги добивме неопходните вкрстувања со базите на податоци од институциите кои се вкупно шест. Во двата пописни круга во Прилеп со околу 200 домаќинства пробниот попис заврши на крајот на минатата недела, пред два дена теренската работа се заокружи во пописниот круг во селото Лажани, општина Долнени, а утре ќе заврши и во последниот пописен круг во селото Црнилиште, изјави Илиевска.
Имало случаи кога членови од семејствата кои беа попишувани се во странство, но за нив постоеле лични податоци и документи.
– Затекнавме случаи на лица кои се во странство од попишуваните домаќинства. Беше објаснето на колку време ќе престојуваат и немаше никакви проблеми, бидејќи имаше лични документи за тие лица, објаснува Илиевска.
На теренот, од 15 јуни во четирите пописни круга во Прилеп и во Долнени беа четворица попишувачи, овластени од Државниот завод за статистика. Ова прво електронско попишување протекна непречено, што значи не се очекуваат проблеми со редовниот попис в година кој ќе биде од први до 21 април. Најавено е дека ќе има уште еден пробен попис во октомври и ноември. Податоците од пробниот попис нема да се објавуваат и строго се наменети за потребите на Државниоот завод за статистика, со што е загарантирана заштитата на личните податоци на граѓаните.
МИА