Во Русија претставен новиот ударен дрон-камиказе „ZALA Ланцет“ (ВИДЕО) – ММС
ММС

Објавено на: 06/27/19 6:05 PM

Во Русија претставен новиот ударен дрон-камиказе „ZALA Ланцет“ (ВИДЕО)

Концернот „Калашников“ го конструираше првиот руски „патролен“ ударни дрон-камиказе „ZALA Ланцет“, соопшти генералниот директор на компанијата Владимир Димитриев.

„По презентацијата на нашиот прв производ, следеа многу барања беспилотното летало да оствари видеоконтакт со операторот додека ѝ се приближува на целта. Денес ви ја претставуваме премиерата на новото летало. Нашиот втор производ припаѓа на линијата ударни дронови кои го носат името „ZALA Ланцет“ “, рече генералниот директор на компанијата Владимир Димитриев за време на презентацијата на новата гама производи пред отворањето на големиот воено-технички саем „Армија-2019“, пренесува интернет-порталот „Взгљад“.

Генералниот директор на концернот „Ростех“ Сергеј Чемезов рече дека интелектуалниот комплекс, кој е дел од ударниот дрон-камиказе „ZALA Ланцет“, опфаќа неколку клучни тактички способности како што се извидување, комуникација, навигација и ударна способност, пренесува интернет-порталот РИА „Новости“.

„Во услови на водење модерна војна, овој интелектуален комплекс е способен да изведува напади од воздух, копно и море, без воспоставување копнена или водна инфраструктура. Кога станува збор за ефикасноста, овој систем ги надминува стандардните типови на оружје и, што е исто така важно, чини значително помалку“, рече Чемезов.

Треба да се нагласи дека при презентацијата на ударниот дрон-камиказе „Куб“ на воено-техничкот саем IDEX во Абу Даби, истио беше претставен без тв-канал за наведување.

Исто така беше соопштено и дека „Калашников“ развил цивилна верзија на најновата автоматска пушка АК-12.

„АК-12 се покажа како многу успешен проект. Ние потпишавме тригодишен договор со Министерството за одбрана и така го заокруживме неговото производство. Меѓутоа, мислевме и на цивилните корисници и за нив развивме цивилна верзија на оваа автоматска пушка. Денес го претставуваме цивилниот модел на оваа пушка под ознаката АК-ТР3“, рече Димитриев.

Владимир Онакој, експерт вработен во концернот „Калашников“, истакна дека цивилната верзија на автоматска пушка АК-ТР3 не може да дејствува во режим на автоматска стрелба.

Russia Beyond