Во Штип ќе се презентираат резултати од мерења на квалитетот на воздухот, водата и почвата – ММС
ММС

Објавено на: 06/25/19 4:36 PM

Во Штип ќе се презентираат резултати од мерења на квалитетот на воздухот, водата и почвата

Факултетот за природни и технички науки од Штип и Институтот за комуникациски студии од Скопје в четврток во Штип ќе ги презентираат резултатите од мерењата на квалитетот на воздухот, водата и почвата во скопскиот и штипскиот регион. Презентацијата ќе се одржи во стариот ректорат на Универзитетот со почеток во 11 часот.

Во текот на изминатиот месец, универзитетската лабораторија за животна и работна средина АМБИКОН изврши директни мерења на концентрациите на суспендираните честички во градинки, училници и спортски сали во училишта, на изложеноста на велосипедистите на аерозагадувањето од сообраќајот и на квалитетот на водите и на почвите во урбани, земјоделски и индустриски зони. На престојниот настан ќе бидат презентирани резултатите за:

  • Квалитетот на воздухот во микро-средините во кои престојуваме
  • Квалитетот на водата и почвата во урбани и рурални средини

Презентацијата се организира како дел од кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“, која ја реализира Институтот за комуникациски студии, а е финансирана од Британската амбасада во Скопје.