Милано и Кортина д’Ампецо ќе бидат домаќини на Зимските олимписки игри во 2026 година. Изборот се случи на 134-тата сесија на Меѓународниот олимписки комитет во Лозана.
Претседателот на МОК, Томас Бах го соопшти победникот во гласањето, а екипата на италијанската кандидатура избувна во бурна радост и ја исполни салата со извици „Италија, Италија“. Другиот кандидат за Игрите беше Стокхолм. Италија ќе организира Олимписки игри по четврти пат.
Кортина беше домаќин на Зимската Олимпијада во 1956 година, четири години подоцна Рим ги организира Летните игри, а за последен пат Торино беше домаќин на ЗОИ во 2006 година, а сега Зимските игри се враќаат во Алпите, во срцето на Европа.
Според планот на кандидатурата, натпреварите на затворено ќе се одржат во Милано, а на отворено во Кортина, како и Вал ди Фиеме.
Планирани се три олимписки села во Милано, Кортина и Ливињо.
Извор: Македонска информативна агенција