Возач од Штип останал без возачка во Грција со казна од 700 евра – ММС
ММС

Објавено на: 06/24/19 4:58 PM

Возач од Штип останал без возачка во Грција со казна од 700 евра

На враќање од одмор вчера, кај грчкото место Афитос, штипјанец со своето возило се нашол пред семафор и паралелно со возило на грчката полиција чекал да му се вклучи зеленото светло за да помине. Меѓутоа, сообраќаецот почнал му давал знаци да тргне. Мислејќи дека треба да се тргне поради некоја итна ситуација, штипјанецот почнал да се движи со своето возило, кога одеднаш полицијата во возилото ги вклучила ротационите светла и го сопрела. Полицаецот му се обратил на грчки јазик и од тоа што штипјанецот можел да разбере е дека не смеел да помине на семафорот. Кога побарал објаснување на англиски јазик, со возилото бил испратен до полициската станица, каде му било кажано дека ќе му ги задржат возачката и сообраќајната дозвола, а биле побарани и регистерските таблички.

-Ги молев да не ми ги земаат табличките, имам две мали деца, болни се, треба да ги носам дома. Само тоа ме спаси од земањето на табличките. Ми рекоа да се вратам во, како што рече „мојата циганска држава“, ама документите ќе останат кај нив, раскажува штипјанецот, чиј идентитет е познат на Канал 77.

Грчката полиција му издала документ (во прилог на текстот) и му напишала казна од 700 евра за сторен прекршок.

Нашиот соговорник вели дека не е единствениот македонски турист кој деновиве поминал лошо во Грција.
-Во полициската станица имаше куп регистерски таблички од македонски и српски возила. 400 евра е казната за возење без сигурносен појас, 700 за прекумерна брзина. Грците немаат милост ниту кон нашите ниту кон српските туристи, раскажува штипјанецот.
Дома во Македонија, нашиот соговорник се вратил без возачка и сообраќајна дозвола, но со горко искуство, за кое сега бара начин да го реши.

Настанот се случил вчера, а веќе денеска му било советувано да се обрати до македонското Министерство за надворешни работи. Предупредува на внимание кај останатите наши сограѓани кои патуваат во Грција, дека грчките полицајци се безмилосни, а се сомнева дека кај некои од службениците има тенденција.